Гносеолошки проблем

Date:

Share post:

Вистината не се спознава надворешно, само со интелектот, со разумот, туку пред сè внатрешно, со извршување на заповедите Божји и со благодатно и молитвено просветлување на умот во очистеното срце.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Проблемот што денешново евангелско четиво го поставува пред нас е гносеолошки – како да Го познаеме Бог и како да ја стекнеме Неговата сила, т.е. како да се преобразиме?

Првосвештениците, книжниците и старешините од она време, според сведочењето во Евангелието, држејќи се до правилата од Законот само формално и интелектуално, очигледно немаат вистинска заедница со Бог и затоа не можат од опит да познаат и да видат дека Човекот Исус Христос, што стои пред нив, е Синот Божји, очекуваниот Спасител. Не може да се познае Бог само со формално држење на некакви правила – надворешно, а внатрешно – срцето да е полно со завист, злопамтење, непростување, осудување, самооправдување и други нечистотии.

Но, Исусовата личност и дела предизвикуваат кај нив токму таков вид прашања. Така што, дел од нив, со прашањето што го поставуваат, всушност сакаат од Исус да дознаат дали е Он навистина Синот Божји. Постоењето на ваквиот нивен интерес се гледа и од едно друго место во Евангелието кога Го прашуваат: „До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено?“ (Јован 10, 24).

Нивниот надворешен пристап, или поконкретно, барањето на лесен и брз начин – со еден точен податок, да се дојде до познание на Вистината, во најдобар случај е само сведоштво за самољубиви и неискрени луѓе кои сакаат преку сигурна и навремена информација да ги обезбедат своите лични позиции и просперитет – да ја задоволат страста на славољубието; и тоа, додека сè уште мислат и се надеваат дека Исус Христос ќе воспоставува земно царство. Во најлош случај, како што подоцна и се случи, барањето потврден одговор од Христос, од истите луѓе на – истото прашање, беше само причина за Неговото предавство, осудување и смрт на Крст: „Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?“ (Матеј 26, 63).

Дел, пак, од првосвештениците и книжниците, се заинтересирани само за природата и изворот на Неговата власт, затоа што очигледни беа за сите чудата што Он ги правеше: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“ И нивниот пристап е надворешен и е само сведоштво за самољубиви и безверни луѓе кои се надеваат дека преку некое тајно и лесно стекнато знаење, на некаков магиски начин, ќе ја остварат и задоволат својата страст – среброљубие. Секако, и тие кога ќе видат дека не можат на тој начин да дојдат до тоа знаење, ќе гледаат како да Го убијат, односно ќе гледаат како да се ослободат од Носителот на таа чудесна власт, Кој крајно ја загрозува нивната дотогашна човечка позиција.

Затоа Христос на нивното прашање им одговара со прашање, давајќи им шанса да се покајат: „Јовановото крштевање од небото беше или од луѓето?“… Но, наместо на покајание, сите сме сведоци на едно лукаво и параноично размислување, на една пресметливост, чија крајна цел е грижата за сопствениот статус, за сопствените позиции, за сопствената власт, како и за можноста за задоволување на сопствените страсти – посебно на страста, сластољубие: А тие се мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме: ‘Од небото’, ќе рече: ‘Па зошто не му поверувавте?’ Но, ако кажеме: ‘Од луѓето’“ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк. Така, сакајќи на најбезболен начин да го избегнат одговорот на за нив незгодното прашање, првосвештениците и книжниците велат: „Не знаеме“.

Христовиот одговор е страшен: „Ни Јас не ви кажувам!“ Ужасот на овој Негов одговор воопшто не се состои во тоа што Он не им кажува, туку во фактот што Он знае дека дури и да им каже, напразно ќе ги троши Своите зборови; дека – нема кому да каже.

Ваквиот Христов одговор е само уште едно сведоштво дека Вистината не се спознава надворешно, само со интелектот, со разумот, туку пред сè внатрешно, со извршување на заповедите Божји и со благодатно и молитвено просветлување на умот во очистеното срце. Познанието на Вистината е плод од нашата лична заедница со ближните, како и со Бог во нашето срце.

Надворешниот пристап на првосвештениците и книжниците е исто што и Адамовиот грев, кој преку каснување на забранетиот плод поверува дека ќе стане бог; само што во случајов, Ева – онаа која го прелажува, е погрешниот систем на теолошко образование, како и нашиот погрешен пристап – дека со многу читање ќе Го познаеме Бог. Каснувањето од забранетиот плод, само по себе, како магиски чин, ни тогаш – ни сега, може да обожи и да донесе познание на Бог.

Господи, помилуј! Пресвета Богородице, спаси ме!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img