Собрани 2,2 милиони денари за медицинска опрема за детската клиника „Козле“

Date:

Share post:

Речиси 2,2 милиони денари се собрани на 12. Хуманитарен пикник на „Алкалоид“, а средствата ќе бидат донирани за набавка на современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп за Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.

Станува збор за специјализирана медицинска опрема која овозможува директен и прецизен преглед на дишните патишта со тенок и флексибилен инструмент со оптички систем. Опремата се користи за дијагностика и третман на белодробни заболувања кај децата, како и при итни состојби предизвикани од вдишани туѓи тела во дишните патишта.

„Особено сме благодарни што ’Алкалоид’, кој како и многупати досега, ја препознава важноста на вложувањето во здравјето и создавањето подобри услови за лекување на најмладите пациенти. Ваквата поддршка е пример за општествена одговорност која создава конкретна и трајна вредност за заедницата“, изјави проф. д-р Катерина Бошковска, директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.

Хуманитарниот пикник е корпоративна хуманитарна иницијатива на „Алкалоид“ започната во 2011 година, по повод 75-годишнината на компанијата. Настанот е наменет за вработените, членовите на нивните семејства и нивните пријатели, а неговиот континуитет бил прекинат единствено за време на пандемијата со КОВИД-19.

Од првото издание до денес, преку иницијативата се собрани близу 14 милиони денари за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и за иницијативи поврзани со заштитата на животната средина.

Донациите се реализираат преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, основана од „Алкалоид“ во 2007 година.

„Зад секој успех и секое достигнување на ’Алкалоид’ стојат луѓето: оние кои ги поставиле темелите, оние кои продолжиле да градат и оние кои денес ја носат компанијата напред. Особено сум горд на големото семејство алкалоидовци, кои и овојпат покажуваат дека припадноста кон компанијата се препознава и преку човечноста, солидарноста и подготвеноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Посебно ми е драго што годинашната донација е наменета за подобри услови за лекување на најмалите, зашто тоа е суштината на нашата мисија: здравјето пред сè“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ и претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

Годинашниот хуманитарен пикник беше одбележан и со маици со мотивот „Алкалоидовата куќа“, создаден од македонскиот артист Сатја Грабул по повод 90-годишниот јубилеј на компанијата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img