Преобразениот човек има можност со своите преобразени очи да ја види несоздадената Божја светлина во сѐ постоечко – како сѐ држи во постоење, т.е. да ги види логосите на битијата, а неговото тело има можност да остане нетлено и по физичката смрт, т.е. да стане свети мошти.
Пишува: Струмички Наум
Во основа на сите празници на Црквата е празникот на Преображението. Ништо од тоа што во Црквата се случи, се случува и ќе се случи, не станува без Преображение. Дури и самиот простор, како и времето поимано како минато, сегашност и иднина, преку Црквата, се преобразуваат во тукашност и вечна сегашност, а смртта во живот: „И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него“.
Нашата Владичица – Секогашдева Марија, прво се преобрази, па стана Богородица. Јован, прво се преобрази, па стана Пророк, Претеча и Крстител Христов. Учениците Христови, прво се преобразија, па станаа Апостоли, т.е. на нивното собрание на Педесетница, прво се симна благодатта на Светиот Дух Господ, па тоа стана Црква.
Сите ние, т.е. сите светии од почетокот на Црквата, па до крајот на времето, прво го примаме залогот на светото Преображение, преку Крштението, па потоа стануваме членови на Црквата – во нејзината Литургија, и ако успееме да го активираме тој дар се осветуваме и стануваме Предание на истиот.
Така и на Петар, Јаков и Јован, прво Христос ги преобрази преку вонредната благодат, така што тие со своите преобразени очи можеа да Го видат каков што Он Е: „и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“, т.е. да ја видат несоздадената благодат и светлина Божја, како и содејството на Светиот Дух Господ и на Бог и Отецот – Чиј глас го слушаат: „ги засени светол облак; и се чу глас од облакот, кој велеше: Овој е Мојот Возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!” (Петар и Јаков се пример за лично неусвоена вонредна благодат. Јован – обратно. Но, друга тема е – личното усвојување или неусвојување на вонредната или редовната благодат).
Значи, деца, прво го примаме залогот на светото Преображение – преку Крштевањето, во Црквата, и наша цел е да ја активираме таа благодат, преку чистење на нашето срце од страстите, така што благодатта Божја, на крај да ги преобрази и нашата душа и нашето тело. Преобразениот човек има можност со своите преобразени очи да ја види несоздадената Божја светлина во сѐ постоечко – како сѐ држи во постоење, т.е. да ги види логосите на битијата, а неговото тело има можност да остане нетлено и по физичката смрт, т.е. да стане свети мошти.
Затоа и инсистирам во моите поуки, лично да ја усвоиме несоздадената Божја благодат и светлина, ставајќи го нашиот ум во процес на исцеление, преку послушание на духовниот отец, како и преку молитвено насочување на неговата енергија кон нашето срце, така што благодатта на Крштението да се активира од него и да нѐ преобрази целите, да станеме слободна и љубовна заедница на свети личности, во Христос – Црква, која блеска во сета своја полнота.
Инаку, постот и понатаму ќе ни биде само Богородичен, наместо пост до денот на Преображение, па после и за Успение; исто како за празникот Преполовение – на денот на Христос како Премудрост Божја; т.е и понатаму ќе ги превидуваме големите Господови празници – бидејќи не ќе можеме потполно да го сфатиме нивното значение за нашето спасение. Затоа што, само лично усвоеното Преображение ни ги отвора вратите за лично учество во сите останати настани од Домостројот на спасението – и нивно познание.
Многу имаме отпаднато од Преданието на Светите отци на Црквата. Разумот (умот) ни е одвоен од срцето, срцето ни е одвоено од Литургијата, а Литургијата е одвоена од нашата стварност. Целиот Домострој на спасението ни е вложен во срцето, од срцето требаше да се активира во Литургијата, а преку Литургијата требаше да ја преобрази и нашата стварност. Требаше…


Антологиски текст.