На празникот Преображение Господово, 19 август, во манастирот „Преображение Господово“ во селото Зрзе, Прилепско, беше отслужена Света Божествена Литургија, со која беше одбележан еден од големите Господови празници.
Со Литургијата началствуваше митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, во сослужение со епископот Хераклејски Климент, игумен на манастирот, како и свештенослужители од повеќе епархии на Македонската Православна Црква.
На богослужението присуствуваа бројни верници, кои се причестија со Светите Христови Тајни, соединувајќи се со Христа во радоста на празникот.
По завршувањето на Литургијата беше извршено и осветување на новиот лозов плод, во согласност со древната црковна традиција за празникот Преображение Господово. Со молитва и благодарност кон Бога беше одбележан почетокот на собирањето на новиот род.
Празникот Преображение го одбележува настанот на гората Тавор, кога Христос пред апостолите Петар, Јаков и Јован го открил Своето божествено достоинство и славата на Своето Царство.
Од Преспанско-пелагониската епархија порачаа дека празникот ги повикува верниците, преку вера, покајание и свет живот, постојано да се преобразуваат духовно и да чекорат кон светлината на Царството Божјо.

