Митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј ги посетиl пожарникарите, спасувачите и волонтерите кои се борат со пожарите во општина Херцег Нови, каде што активни се пожариштата во Бијела и Баошиќи.
Митрополитот го обиколил теренот, особено подрачјето околу Крстот во Бијела, каде што се запознал со состојбата и активностите што ги преземаат службите за заштита и спасување.
Во рамки на посетата, Јоаникиј на началникот на Службата за спасување Златко Ќировиќ и неговиот заменик Јовица Мисинезовиќ им врачил икона на Свети Василиј Острошки, како знак на молитвена поддршка и благослов.
Црногорско-приморската митрополија, исто така, обезбедила и парична помош за пожарникарите и спасувачите кои се на терен. Средствата се наменети за секојдневните потреби за време на интервенциите, меѓу кои храна, вода, гориво и други трошоци.
„Помошта е скромна во однос на големината на нивната жртва, но е дадена од срце, како знак дека во таа борба не се сами и заборавени“, соопштија од Митрополијата.
На теренот, покрај пожарникарите и спасувачите, биле присутни и генералниот директор на Директоратот за заштита и спасување Миодраг Бешовиќ, министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ, потпретседателот на Владата на Црна Гора Алекса Бечиќ, министерот за просторно планирање, урбанизам и државен имот Славен Радуновиќ, претседателот на Општина Херцег Нови Стеван Катиќ и пратеникот Јован Јоле Вучуровиќ.
Јоаникиј им се заблагодарил на пожарникарите, спасувачите и волонтерите за нивната пожртвуваност и ангажман во заштитата на луѓето, домовите и имотот.
Митрополитот им посакал сила и успех во понатамошната борба со пожарите и упатил молитва пожарите во Херцег Нови што поскоро да бидат ставени под контрола.

