Жезолот на скопскиот митрополит Гавриил по 180 години повторно во рацете на архиереј – го носеше епископот Партениј

Date:

Share post:

Жезолот на скопскиот митрополит Гавриил од XIX век, кој речиси 180 години се чува во Кутлумушкиот скит на Света Гора, повторно беше употребен во богослужба – овојпат во рацете на епископот Антаниски Партениј.

За овој историски момент извести Бигорскиот манастир, во текст објавен по повод неодамнешното поклонение на епископот Партениј на Света Гора Атонска.

Настанот се случил за време на сеноќното празнично бдение во Кутлумушкиот скит на Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон во Кареја.

Дар од скопскиот митрополит Гавриил

Според записот во старата инвентарна книга на Кутлумушкиот скит, во 1846 година скопскиот митрополит Гавриил му оставил на светогорското светилиште прилог од 5.000 гроша, како и една сребрена, позлатена архиерејска патерица – жезол.

Во стариот запис е наведено името „Γαβριήλ ἀρχιερεύς“ – „Гавриил архиереј“, а името на митрополитот е врежано и на самиот жезол.

Така, предметот кој со генерации се чува во Кутлумушкиот скит претставува материјално сведоштво за духовните врски меѓу Света Гора и Македонија уште од XIX век.

Особено значаен е фактот што жезолот не бил изваден само за да биде покажан како историски предмет, туку повторно бил употребен во богослужбата.

Бигорскиот манастир го опишува моментот како симболична средба на две далечни епохи од црковната историја.

Во истата светогорска црква каде што пред речиси 180 години скопскиот митрополит Гавриил оставил свој дар, денес епископот Партениј го носел неговиот жезол за време на богослужбата.

За Бигорскиот манастир, овој настан е уште едно сведоштво дека духовните врски меѓу Света Гора и православниот народ од Македонија имаат длабоки историски корени.

„Во Црквата вистинското Предание никогаш не е мртво минато. Тоа е живо паметење, благодарност и непрекинато предавање на благословот од едно поколение на друго“, се наведува во објавата на Бигорскиот манастир.

Од манастирот изразуваат благодарност до дикејот на Кутлумушкиот скит, јероѓаконот Хрисостом, за укажаната чест и за приемот на епископот Партениј и братството.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img