Софиската митрополија на Бугарската православна црква соопшти дека на архимандрит Никанор му е изречена нова дисциплинска мерка – 15-дневна целосна забрана за свештенослужење, позната како „аргос“.
Одлуката е донесена на 10 август 2026 година, а забраната започнува да тече од 13 август.
Според соопштението на Софиската митрополија, мерката е потпишана од патријархот Даниил, кој е и митрополит на Софија.
Новата забрана доаѓа во период на зголемено внимание кон случајот со архимандрит Никанор, кој се соочува со црковно-казнена постапка, но и по објавувањето на аудио снимка од негов разговор со претставник на Римската курија, во која тој лобирал за избор на владиката Наум од Русе за патријарх во 2024 година.
Според Никанор, митрополитот Наум „најмногу ѝ одговара на политиката на Ватикан“ и е близок до Цариградската патријаршија.
Во разговорот архимандритот Никанор предложил да се искористи влијанието на бугарските политичари Бојко Борисов и Дељан Пеевски.
Неговиот план, како што се наведува, бил Ватикан да му стави до знаење на Борисов дека би сакал да го види Наум како патријарх, по што Борисов би влијаел врз Пловдивскиот митрополит Николај.
Меѓутоа, „24 часа“ наведува дека Борисов и Пеевски немале никаква врска со иницијативата на архимандритот Никанор, а не е познато ниту дали митрополитот Наум воопшто знаел за обидите да се промовира неговата кандидатура.
Ова е нова дисциплинска мерка против архимандритот, кој во последниот период е во центарот на сериозна црковна полемика во Бугарија и се поголемата поделба на тамошната црковна јавност, од која голем дел смета дека нападите кон Никанор се резултат на неговите напори да се спречи руското влијание врз БПЦ.

