Вселенскиот патријарх Вартоломеј во обраќањето на својот роден остров Имврос упати остри критики кон Московската патријаршија, а индиректно и кон српскиот патријарх Порфириј.
Говорејќи во храмот „Свети Георгиј“ во Агиои Теодорои, по вечерната богослужба за Отпустот на празникот Преображение и Параклисот кон Пресвета Богородица, Вартоломеј особено се осврна на дејствувањето на Руската православна црква во Африка.
Тој ја обвини Московската патријаршија дека „на целосно неканонски начин навлегла во канонската јурисдикција на Александриската патријаршија“ и создала „паралелна јурисдикција“, вклучително и со испраќање епископи во Јужна Африка и Каиро.
Според Вартоломеј, наместо да му помага на патријархот Теодор II Александриски во мисионерската работа во Африка, Руската православна црква избрала да дејствува конкурентски.
„Нашата Вселенска патријаршија застана покрај Црквата на Свети Марко, Црквата на Александрија“, истакна Вартоломеј.
Тој истовремено ја осуди, како што ја нарече, „неблагодарноста на Руската црква“ кон Константинопол, од каде што, според него, Русите ја примиле „светлината на христијанската вера и цивилизација“.
Во продолжение на обраќањето, Вартоломеј упати и порака до православни поглавари кои сè уште немале официјална посета на Вселенската патријаршија по нивниот избор и устоличување.
Иако не го спомена по име, од контекстот беше јасно дека се осврнува и на српскиот патријарх Порфириј, кој беше избран и устоличен во 2021 година.
„Иако ги посетија другите Цркви, четвртата и петтата, ја изоставија првата“, рече Вартоломеј, посочувајќи дека за некои поглавари поминале „четири или пет години“ од нивниот избор и устоличување, а тие сè уште не ја исполниле, како што ја опиша, својата должност кон Црквата на Константинопол.
Во истото обраќање, Вселенскиот патријарх имаше пофални зборови за новиот архиепископ на Албанија, Јован, кој присуствуваше на богослужбата. Тој истакна дека архиепископот Јован „ја презел мантијата“ на покојниот архиепископ Анастасиј и ја продолжува неговата работа „со ревност, совесност и страв Божји“.
На богослужбата началствуваше патријархот Теодор II Александриски и на сета Африка, а сослужеше и архиепископот Јован од Тирана, Драч и на сета Албанија. Вселенскиот патријарх Вартоломеј молитвено присуствуваше од Светиот олтар.

