Со заедничка Божествена Литургија во Кутлумушкиот скит на Света Гора беше заокружена посетата на епископот Партениј, кој по 36 години повторно се врати на Атон, овојпат како архиереј. Празничното богослужение беше дел од чествувањето на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, а на него сослужуваше и епископот Мирински Атинагора, викарен епископ на Мексиканската митрополија при Вселенската патријаршија.
Со нив сослужуваа и игумените на манастирите Есфигмен и Кутлумуш, архимандритите Вартоломеј и Николај, како и повеќе свештенослужители од Света Гора и од придружбите на архиереите.
Во своето благодарствено слово по Литургијата, Партениј зборуваше токму за оваа временска нишка меѓу неговите први монашки чекори и денешното архиерејско служење на Света Гора.
„Постојат мигови во животот кога човекот чувствува дека времето се повлекува пред вечноста, минатото и сегашноста се прегрнуваат, а Божјата промисла, тивко и чудесно, ги сврзува сите настани во една единствена благодарствена химна“, рече тој.
Во словото тој се осврна и на значењето на Света Гора за духовната историја на македонскиот народ, истакнувајќи дека од Атон низ вековите се ширеле молитва, книжевност, вера, утеха и духовна светлина.
„Света Гора има одиграно огромна улога во духовното просветување на нашиот народ“, рече Партениј, додавајќи дека Атон и денес продолжува да го укрепува православниот свет преку монашкото предание и духовното сведоштво.
Тој говореше и за современата порака на атонското монаштво, кое, според него, му покажува на светот дека вистинскиот живот се раѓа во тишината и смирението.
„Монахот е повикан секојдневно да Го сведочи со мачеништвото на совеста. Тоа е тивко мачеништво: да се умре за своето себељубие, за својата волја, за своите страсти; да се остане верен кога никој не гледа; да се љуби кога нема возврат; да се моли за светот што можеби никогаш нема да дознае кој се молел за него“, порача Партениј.
На трпезата по Литургијата, од името на Кутлумушкиот манастир и скитот се обрати игуменот Николај, кој ја истакна духовната врска меѓу Кутлумуш и Бигорскиот манастир и му се заблагодари на Партениј за неговото присуство и за заедничкото богослужение.
Николај упати благодарност и до Вселенскиот патријарх Вартоломеј за дадениот благослов и канонската дозвола за посетата, како и до митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј за неговата согласност Партениј да отсуствува од епархијата и да учествува во празничното торжество.
На митрополитот Георгиј му се заблагодари и Партениј, пренесувајќи ги неговите братски поздрави до светогорските отци.
Со празничната Литургија и заедничкото причестување, посетата на Партениј на Света Гора заврши со пораки за духовното единство и за продолжување на врските меѓу македонското монаштво и светогорските братства.







