Некој очигледно многу го опуштил Александар Вучиќ кога е Македонија во прашање. Но кој и што му создало чувство дека може без никаква задршка да го вбројува Скопје во духовниот простор на Српската православна црква?
Толку се опуштил што главниот град на Македонија го стави во иста црковна низа со Пирот, Сиднеј, Франкфурт и Мелбурн. Можеби го опуштила тишината. Можеби отсуството на јасни реакции. Можеби присуството на негов близок политички соработник во македонската Влада. А можеби уверувањето дека, што и да каже за Македонија, овде секогаш ќе се најде доволно молк за неговите зборови да поминат без политичка цена.
Повод за овие дилеми е изјавата што српскиот претседател ја даде во Мркоњиќ Град, говорејќи за таканаречените „полицентрични идеи“, како и за наводните обиди за федерализирање и конфедерализирање на Српската православна црква.
Вучиќ порача дека таквите идеи би претставувале „смрт за српскиот народ“ и „смрт за српската црква“, а потоа изјави:
„Српската црква е иста овде во Мркоњиќ, иста во Пирот, иста во Сиднеј, иста во Скопје, иста во Франкфурт, во Мелбурн и на секое друго место во светот.“
Да, Скопје.
Градот во кој се наоѓа седиштето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. И тоа четири години откако самата СПЦ официјално ја прифати и призна автокефалноста на МПЦ-ОА.
Токму затоа оваа реченица не може да се третира како обична географска грешка или невнимателно набројување. Вучиќ го стави Скопје во иста црковна категорија со град во Србија и со светски центри на српската дијаспора во кои дејствува СПЦ.
Ако мислел на српските верници што живеат во Скопје, тогаш тоа требало јасно да го каже. Никој не го оспорува нивното право на вера, национален идентитет и духовен живот. Но едно е да се зборува за верските потреби на српската заедница во Македонија, а сосема друго Скопје да се вметне во реторичка карта на единствената и неделива Српска православна црква.
Вучиќ не е црковен поглавар и нема надлежност да ги определува канонските граници на православните цркви. Кога претседател на соседна држава го вбројува Скопје во духовниот простор на СПЦ, тогаш тоа веќе не е само црковна порака. Тоа станува политичка изјава со просторна и идентитетска тежина.
Во Црна Гора веќе следуваше официјална црковна реакција на делови од истиот говор. Црногорско-приморската митрополија оцени дека изјавите на Вучиќ се полни со нејаснотии и предупреди дека неповиканото мешање на политичарите во црковните работи не ѝ носи добро ниту на државата ниту на Црквата. Реакцијата се однесуваше на неговите тврдења за Црна Гора и литиите од 2020 година, а не конкретно на споменувањето на Скопје.
Во Македонија, до моментот на објавувањето, нема официјална реакција од МПЦ-ОА. Нема ниту појаснување или исправка од кабинетот на српскиот претседател или од СПЦ.
Во ваква ситуација потребна е реакција и од Иван Стоилковиќ – актуелен министер, до неодамна вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија. Не поради неговата етничка припадност, туку поради политичката и институционалната позиција што ја има. Јавноста заслужува да знае дали тој ја почитува црковната самостојност и канонската позиција на МПЦ-ОА и како ја разбира пораката дека „Српската црква е иста и во Скопје“.
Дотогаш останува дилемата: дали Вучиќ направи несреќен лапсус или свесно испрати порака за која однапред знаеше дека во Македонија ќе биде пречекана со молк?
Ако никој не реагира, тогаш одговорот на прашањето кој толку го опуштил Вучиќ ќе биде многу едноставен.
Го опуштил нашиот молк.

