Митрополитот Кумановско-осоговски Григориј, вчера на 11 јуни, во манастирот „Свети Георгиј“ во село Дељадровце, отслужил панихида за 13-годишнината од блаженото упокојување на митрополитот Полошко-кумановски Кирил.
Митрополит Кирил беше еден од архијереите, кои на 17 јули 1967 година, во храмот „Свети Климент Охридски“ во Охрид, учествуваа во донесувањето и потпишувањето на историската одлука за обновување на автокефалноста на Македонската Православна Црква, чија канонска наследничка и продолжителка денес е Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
-Како ревносен архипастир, тој непрестајно го бодреше верниот народ и свештениот клир да останат цврсти и непоколебливи во Христовата вера. До својот последен здив остана доследен сведок на Вистината, проповедајќи го Евангелието и служејќи ѝ на Светата Црква со љубов и пожртвуваност. кИсто така, тој постојано нагласуваше за непоколебливост и истрајност на клирот и архијереите во служба на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Во блажено успение и вечен покој, подај му, Господи, на Твојот слуга, Високопреосвештениот Митрополит Полошко-кумановски Кирил, и направи неговиот спомен да биде вечен, стои во објавата на Кумановско-осоговската епархија.99

