Во пловдивскиот храм Вознесение Господово автентични фрески од минатиот век биле покриени со тапети што имитираат живопис. Иако настанот датира од крајот на 2025 година, случајот сега доби публицитет во бугарската јавност, откако еден локален информативен портал, podtepeto.com, обелодени снимки.
Фреските не биле во добра состојба поради протекување на покривот, но наместо конзервација и реставрација, врз нив биле поставени отпечатени икони, од кои некои со слаб квалитет, наведува порталот.
Храмот „Вознесение Господово“ е изграден кон крајот на 1930-тите години и завршен во 1942 година со оригинален иконостас, но без целосно осликување. Фреските биле изработени во 1967/68 година од тим уметници, професори на Национална уметничка академија и едни од најзначајните имиња на бугарското историско сликарство – Димитар Гјуџенов и Никола Кожухаров, заедно со неговата сопруга, сликарката Невена Кожухарова, пишува dveri.ng.
Оваа пловдивска црква има интересна иконографска програма, во која се вклучени и ретки претстави на Свети Паисиј Хилендарски и Свети Софрониј Врачански. Двајцата биле канонизирани од Свет синод на Бугарската православна црква во 1960-тите години, кога храмот бил осликан.
На 29 мај истиот сајт објави дека организацијата Граѓанска иницијатива за заштита на културно-историското наследство испратила став против уништувањето на фреските во спомениците на културата преку нивна замена со принтови.
Во соопштението на организацијата се нагласува дека уништувањето на фрески преку нивно покривање со тапети станува практика. Тие бараат реакција од институциите задолжени за заштита на црковното културно наследство.
„Ова се случува веќе вторпат во Пловдив, откако во 2011 година митрополитскиот храм Света Марина – прославена црква со орнаментика на Харалампи Тачев – беше вандализирана на ист начин, со облепување со печатени тапети“, се наведува во ставот на организацијата.
Инаку, користењето тапети како фрескоживопис на црквите се користи и во МПЦ-ОА. Досегашните забележани случаи се претежно на новоизградени цркви. Информациите на Религија.мк, велат дека набавката на тапетите оди преку Бугарија, а најверојатно се изработуваат во Грција.
/Фото: podtepeto.com и dveri.bg

