Во чест на 150 години од Разловечко востание, Делчево доби нов парк именуван како “Македонија”, кој е прв парк во кој се поставени 26 мермерни плочи на кои што се изгравирани пасуси од Библијата во кои се споменува терминот “Македонија”
-Нашиот православен комплекс, каде што се издигаат храмовите посветени на македонските и сесловенските просветители „Свети Кирил и Методиј“ и на охридскиот чудотворец „Свети Наум Охридски“, стана побогат за уште едно значајно катче за верниците и посетителите – Паркот „Македонија“. Овој простор не е само место за одмор, туку вистинска духовна патека која не потсетува на длабоките корени на христијанството на овие простори. Низ паркот се поставени мермерни спомен-обележја со врежани библиски цитати кои јасно го сведочат патот на светите апостоли, велат од Делчевско-каменичката епархија.
Епархијата појаснува зошто е значаен овој парк, како библиско сведоштво дека Македонија е спомната 26 пати во Светото Писмо. Овие записи се жив доказ за клучната улога во ширењето на Христовата вера уште во првиот век.
На мермерните плочи се испишани зборовите на Светиот апостол Павле, кој во своите посланија ги фали македонските христијани за нивната дарежливост, духовна зрелост и силна вера.
-Паркот ги поврзува нашите два храма, создавајќи целина каде што историјата, теологијата и природата се среќаваат на едно место. Ги повикуваме сите верници и добронамерници да го посетат овој духовен комплекс. Помолете се во нашите свети храмови, а потоа прошетајте низ Паркот „Македонија“. Нека овие библиски стихови бидат инспирација за вашите срца и потсетник дека одиме по земја која е благословена уште од апостолските времиња, велат од епархијата.
