Во Варна ќе биде изграден споменик на Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици – Св. Климент, Св. Наум, Св. Горазд, Св. Сава и Св. Ангелариј, објави бугарската агенција БГНЕС.
Споменикот е донација од Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“ по повод неговата 35-та годишнина, а благослов за изградбата има и од Варненскиот митрополит Јован.
„Светите Седмочисленици се духовен ориентир за просветата и силата на духот. Верувам дека овој споменик ќе остане за идните генерации како израз на почит кон бугарската култура и порака дека без знаење, духовност и историска меморија нема иднина“, изјави претседателот на универзитетот, Красимир Недјалков.
Универзитетот ќе обезбеди близу 70 проценти од потребните средства, а проектите за споменикот се донација од негови студенти и професори.
Предвидено е споменикот да биде поставен на плоштадот „Св. св. Кирил и Методиј“, а по завршувањето ќе ѝ биде подарен на Општина Варна. Иницијативниот комитет веќе ја започна законската процедура за реализација на проектот.

