Во духот на соборноста, единството и духовната одговорност, во древниот град Триер, Германија, се одржа редовното годишно Епархиско собрание на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Собранието, кое претставува едно од најзначајните годишни црковни случувања за Македонците во Европа, помина во свечена, достоинствена и братска атмосфера, исполнета со молитвено единство, плодни дискусии и важни одлуки за иднината на Епархијата, стои во соопштението од Епархијата.
Свечениот дел на Собранието го отвори надлежниот архиереј, митрополитот Европски Пимен, кој во своето обраќање упати силни пораки за духовно единство, истрајност и зачувување на православната вера и македонскиот идентитет меѓу Македонците во дијаспората. Тој ја истакна важноста од заедничкото делување, љубовта и слогата како темел на црковниот живот и напредокот на Епархијата.
На свечениот дел свое обраќање имаа и Амбасадорот на Република Македонија во Германија, Илбер Села, како и директорот на Агенцијата за иселеници, Горан Анѓелов, кои ја нагласија значајната улога на Македонската Православна Црква во зачувувањето на националниот и духовниот идентитет на Македонците ширум Европа.
-По свечениот дел следуваше работниот дел на Собранието, кој траеше речиси пет часа и се одвиваше со активно учество на сите делегати. Со голема сериозност и одговорност беа разгледани состојбите во Епархијата за изминатата 2025 година, како и реализацијата на планираните активности. Се дискутираше за повеќе пастирски, мисионерски, организациски и административни прашања, при што беа донесени насоки и заклучоци за понатамошното дејствување и унапредување на црковниот живот во европските парохии. Особено впечатлива беше атмосферата на братска љубов, единство и взаемна поддршка. Делегатите, заедно со своите парохиски свештеници и духовни водачи, покажаа искрена грижа и посветеност кон своите црковни општини, потврдувајќи дека Македонската Православна Црква останува жив духовен столб за Македонците во дијаспората, стои во соопштението.
-Годинешното Собрание ќе остане запаметено и по еден историски и значаен чин за МПЦО „Св. Ѓорѓиј Победоносец“ Литлхамптон. Имено, од страна на надлежниот Митрополит г. Пимен и Епархискиот Управен Одбор беше доделен целосен Канонски Прием на црковната општина, а по тој повод беше издаден и свет Антимис со свети мошти, чин што претставува голем духовен благослов, признание и потврда за црковниот живот и канонското единство на оваа македонска православна заедница. Со молитвена благодарност кон Бога и со надеж за уште поголеми духовни успеси, Собранието заврши во духот на заедништво и братска љубов, со порака дека следната година македонските православни верници од Европа повторно ќе се соберат – овојпат во Тринген, Швајцарија, посочуваат од Епархијата.
