Европската епархија на МПЦ-ОА денеовиве одржува годишно епархиско собрание во градот Трир – Германија.
Една фотографија што ја направија владиката Пимен и дел од свештениците на МПЦ-ОА од оваа епархија предизвика реакции во јавноста. Трир е родното место на германскиот комунистички филозоф Карл Маркс и во овој град има негова статуа. Владиката и свештениците направиле фотографија пред споменикот, а подоцна официјалната фејсбук страница на Европската епархија ја објави со коментар: „Триер 2026г. Европско собрание! Полека се собираме!“.
Во коментарите под статусот има различни реакции. Еден коментар вели на пример: „Како христијански верски лица и улогата која ја имате на духовни водачи, е тотална спротивност да се фотографирате пред споменикот на Карл Маркс, дотолку исто како да се фотографирате пред споменик на сатаната…и длабоко се надевам дека станува збор за грешка направена од незнаење и непознавање на животот, идеите и симболот на Маркс како личност, а не како свесна објава.“
Но има и поинаквци коментари: „Два света, еден град: свештеници и владиката во посета на Карл Маркс. Иако нивните патишта се разминуваат, прашањето за социјалната правда останува заедничка грижа. Моќна фотографска можност за дијалогот меѓу верата и општеството.“
Инаку Маркс е жесток критичар на религијата и особено на Христијанството. Но како и да е Владиката Пимен има доста смила за пораки, па веројатно и оваа фотографија има своја порака. Можеби на пример… Маркс и Комунизмот се мртви по само 100 години, Христијанството е живо и по 2000 години.
