Руската задгранична црква испрати послание со кое повикува на зачувување на православната вера во западниот свет. Архиереите на оваа црква на Соборот во Германија, првото упориште на Руското Православие во дијаспората, оцениле дека се случува засилена секуларизација во општествата.
-Сите гледаме како се засилуваат процесите на секуларизација, како се замаглуваат моралните ориентири и како верата слабее во многу срца. Во такви тешки услови особено е важно да се сочува верноста кон Православието и кон традициите на Руската задгранична Црква, а исто така да се следи побожноста на нашите татковци и основачи. На тоа нѐ потсетуваат зборовите на апостолот и евангелист Јован: „Биди верен до смрт, и ќе ти дадам венец на животот. Им се обраќаме на сите верни чеда на Православната Црква што живеат во дијаспората: чувајте ја православната вера. Следете ги Божјите заповеди. Истрајувајте во добри дела. Нека вашиот живот стане живо сведоштво за Евангелието пред луѓето околу вас. Бидете цврсти во верата, укрепувајте се со надеж во Господа и не отстапувајте од патот на спасението. , стои во апелот на РЗПЦ.
Архиереите на оваа црква повикаа и на прекин на војните, осовено во Украина. Важно за потенцирање е дека во речникот на посланието тие користат термин војна за состојбата во Украина.
-Со болка ги согледуваме страдањата на луѓето во различни земји на овој свет: војните, конфликтите и прогоните што се водат против христијаните, а всушност и против сите што сега поднесуваат многубројни страдања — особено во братоубиствената војна што се води меѓу христијани од истата крштелна купел на Киевска Рус. Во овој момент ве потсетуваме на потребата од засилена молитва за мир, за престанок на крвопролевањето, за оние што страдаат, за оние што тагуваат и се обременети, и за победа на Божјата Вистина. Секој од нас е повикан да биде носител на Христовиот мир и љубов во својот живот, а исто така да ги следи зборовите на апостол Павле: „трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врската на мирот, стои во посланието.
