Како ги познава Овој Писмата, кога не учел?

Date:

Share post:

Никакво читање на книги и учење од нив не може да ни донесе богопознание, ако ние немаме опит од лична заедница со Бог.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Неколку, многу интересни моменти има денешното евангелие – неразделно поврзани меѓусебно; ќе ги разгледаме по ред:

Првиот, кој што бара објаснување, е следниов: „А кога празникот веќе се преполови, Исус отиде во Храмот и поучуваше. Затоа Јудејците се чудеа и велеа: Како ги познава Овој Писмата – кога не учел? Тогаш Исус им одговори и рече: Мојата наука не е Моја, туку на Оној Кој Ме пратил“.

Никакво читање на книги и учење од нив не може да ни донесе богопознание, ако ние немаме опит од лична заедница со Бог. Затоа и велам: денешното модерно образование – посебно теолошкото, е искушението на Ева – дека со просто каснување на забранетиот плод, т.е. на еден магиски или автоматски начин – со просто изучување на книги, собирање на информации и интелектуално спекулирање, може да се познае Бог, односно, преку „теологијата на забранетиот плод“ на новите книжници.

Оваа грешка е извор на секое зло, просто, ја изместува целата Божја промисла за градење на личносен однос со Него, како и овоземната административна организираност на Црквата која требаше да биде поддршка на, од Бог, одредениот процес на богопознание. Молитвеното тихување, т.е. исихазмот, засновано на исполнување на Божјите заповеди, е единствен редовен начин на богопознание – како градење на лична заедница и однос со Бог, внатре во нашето длабоко срце.

Како што еднаш спомнав, оној, чиј ум е просветлен преку умно-срдечната молитва, доволно е да ја насочи лично усвоената несоздадена светлина на својот ум, кон одредена „тема“ и истата да му се разјасни; без претходно да читал или да размислувал за неа и без оглед дали се однесува на сегашноста, минатото или иднината. Ова е тајна на персонализираната комуникација на логосите на битијата, т.е. на нашата лично усвоена несоздадена енергија со несоздадена енергија Божја околу нас.

Вториот, кој што бара објаснување, е следниов: „Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе“.

Овде, Богочовекот Христос, уште еднаш ни потврдува дека познанието на Бог произлегува од опит на лична заедница со Него во нашето срце, заснована на исполнување на Неговата волја. Нашето срце може да се очисти и отвори за молитвено богопознание, само преку исполнување на Божјите заповеди. Значи, ако некој сака, може – сето ова, да го провери преку личен опит.

Третиот, кој што бара објаснување, е следниов: „Кој говори сам од себе – ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го пратил – Тој е вистински; во Него нема неправда“.

Говори сам од себе, оној што само читал книги, а не Го познава Бог од личен опит на заедницата со Него во своето срце; таквиот веднаш ја бара само својата слава – што е вршење на неправда, оти Божјата не ја познал. А оној што вистински го познал Бог, ја бара само славата на Оној што го пратил, т.е. во него нема неправда.

Господи, слава Тебе!

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here