Архиепископот Стефан: Светот и денеска има потреба од луѓе како Гоцета

Date:

Share post:

Архиепископот Стефан отслужи панихида на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас за одбележувањето 123-годишнината од загинувањето великиот македонски револуционер.

На архиепископот Стефан, сослужуваа свештенослужители на Скопската епархија.

– Господе, дај им вечен спокој на починатите твои чеда борци, комити, војводи, илинденци, партизани, бранители, паднати за духовна и за национална слобода на Македонија и на твоето чедо Гоце Делчев. Се собравме на молитвен помен за душата на големиот македонски син, војвода и револуционер, Гоце Делчев. Стоејќи простум и со почит пред неговиот гроб, да му благодариме на Бога што ни дал таков јунак од нашиот род просејќи да му даде вечен мир во царството небеско. Истовремено, пак и пак му се обраќаме на војводата ветувајќи му дека нема да ги заборавиме неговото дело и жртва и дека нема да застанеме да се бориме и да ги браниме слободата и вистината за нашиот македонски народ. Слободата и вистината за кои Гоце живееше и за кои даде својот живот – нагласи поглаварот на МПЦ-ОА во својот говор.

Тој додаде дека Гоце Делчев можел да го одбере личниот спокој меѓу неспокојот на својот народ, но големите личности како него тоа не го прифаќаат, туку истапуваат кој со збор, кој со молитва, а некој, кога е потребно, и со борба со востание и со револуција во одбрана на слободата и на човечноста.

– А таква борба не е борба за омраза, ниту, пак, е против некој народ, тоа е борба против неправдата, против поробувањето и против сè што го повредува божјиот образ кај човекот. Гоце имал таква вера дека секој човек има право да живее слободен и дека секој народ има право да ги крои својата сегашност и иднина. Светот и денеска има потреба од луѓе како Гоцета, Македонија и денес има потреба од херои како него, потреба од личност со љубов кон својот народ и со почит кон сите народи. Има потреба од луѓе кои нема да се плашат да застанат против неправдата, но кои притоа нема да дозволат да ги води омразата. Оттаму, и денеска, 123 години од неговото венчавање за црната поробена земја македонска, да му се помолиме на Господа да му ја прими душата во своето царство небесно и да му даде живот вечен. А нам да ни ја даде силата да ја знаеме скапата цена на слободата, да ја чуваме како свет дар, да бидеме достојни наследници на оние што, како Гоцета, ги дале своите животи за неа – рече архиепископот Стефан.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here