Архиепископот на Атина и цела Грција, Јероним, изрази длабока загриженост и го осуди сквернавењето на статуа на Исус Христос во јужен Либан, повикувајќи на почитување на светите симболи и на воздржаност во услови на воен конфликт, пренесува Orthodox Times
Јероним нагласил дека Исус Христос „не користел насилство, ниту учествувал во воени дејствија“, туку ја проповедал љубовта, покајанието и простувањето како основа на духовниот живот и спасението.
Реакцијата доаѓа по инцидентот во кој припадник на Израелските одбранбени сили оштетил христијански религиозен симбол за време на воени операции во јужен Либан. Израелската војска потврди дека случајот се третира со најголема сериозност, нагласувајќи дека таквото однесување не е во согласност со нејзините вредности и правила.
Грчкиот архиепископ ја поздравил брзата реакција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, оценувајќи ја како чекор во правилна насока, но истовремено предупредил дека пошироките услови на војна создаваат средина во која страдаат невини цивили и се продлабочуваат поделбите.
Случајот е дел од пошироки реакции од црковни и меѓународни претставници кои повикуваат на почитување на верските симболи и на одговорност за сторените дела.

