Поглаварот на Украинската православна црква – Московска патријаршија ги благослови верниците во текот на Великиот пост да преземат посебно молитвено правило за духовен раст и за мир во Украина.
Во своето послание по повод почетокот на Светата Четириесетница, митрополитот Киевски и на сета Украина Онуфриј, ги повика верниците секојдневно да го читаат Псалм 90 и да направат седум поклони со молитвата „Оче наш“ за мир во Украина.
Во своето обраќање, митрополитот истакна дека Великиот пост е време на тивка радост на покајанието, на очистување на срцето и просветлување на умот, за човекот да се ослободи од суетата и грижите на светот и да живее пред лицето Божјо, со свест за вечноста и одговорност за секој ден.
Тој нагласи дека постот не се сведува само на телесно воздржување, иако и тоа е потребно како школа на волјата, туку дека неговата суштина е во собирањето на човекот преку покајание и духовна трезвеност, во молитвата, слушањето на Божјото слово и помирувањето со ближните.
Во контекст на тешките искушенија низ кои минува украинскиот народ, митрополитот повика на милосрдие и сочувство, истакнувајќи дека воздржувањето треба да се претвори во милостиња за сиромашните, а молитвата – во поддршка за оние на фронтот, за ранетите, заробените и за сите што ги загубиле своите блиски или домови.
„Да не дозволиме тагата да нè направи бесчувствителни. Христијанинот ја победува темнината не само со трпение, туку и со љубов што не понижува, не се одмаздува и не ги распалува страстите, туку прави добро дури и кога е тешко“, порача митрополитот Онуфриј.
Со благословот за секојдневно читање на Псалм 90 и седум поклони со „Оче наш“, тој ги повика верниците Великиот пост да го живеат како вистински чекор кон светлата Пасха – Христовото Воскресение.

