Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар одбележа 30 години архиереј на Австралиско-новозеландската епархија на МПЦ-ОА. Јубилејот бил прославен на 8 ми јануари 2026 година во соборниот храм на Австралиско-новозеландската епархија, „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Сиденхам – Мелбурн. Била служена вечерна богослужба и одржана свечена прослава за јубилејот.
По тој повод била осветена новоизградената митрополија во Мелбурн.
Во говорот владиката Петар рекол дека пред неговото доаѓање во епархијата таа била во тешка состојба, поради тоа што не се водело доволно грижа црковно да се работи во нејзе, или како што вели „секој да си го знае своето место, да се знае кој е и каде му е местото на владиката, каде им е местото на свештениците, но и на верниците. И токму поради тоа недоразбирање, и уште поточно поради луѓето, именувани во голем дел како верници, а по животот и постапките – неверници, приграбувајќи го духовното богатство, ставајќи се честопати и над владиката, и над Синодот“.
Петар не пропушти да ги нападне верниците на МПЦ-ОА од епархијата со која сега раководи архиепископот стефан, нарекувајќи ги луѓе кои се далеку од верата.
-Како и денес, тие од другата страна, што пак така се однесуваат – тоа им е влезено во душата и во срцето; верата е далеку од нив, и никаква вера нема да биде присутна, ако нема покајание. А знаеме дека Светиот славен пророк и Претеча Јован Крстител ја започна својата проповед на реката Јордан со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно (Матеј 3,2). И ете, ви велам дека секирата е крај коренот на дрвото, и секое дрво што не раѓа добар плод се сече и во оган се фрла (Матеј 3,10). Тоа значи и секој верник, и секој свештеник, па и владиката, кој не донесува добри плодови, кој не работи согласно со учењето на Светото Писмо, Светото Предание на светите Отци, Вселенските и Помесните Собори, ќе биде исто така посечен и ќе биде фрлен во геената огнена. Од тоа бегање нема, зашто светиот Апостол Павле вели: На човекот му е определено еднаш да умре, а потоа – суд (Евр.9,27), браќа и сестри. И оние што нè осудуваат дека сме воделе судови, тие всушност се против судовите што треба да донесат ред, мир и поредок во Црквата Божја, во нашата Македонска Православна Црква, во оваа Епархија, односно во Австралија, во која денес има две епархии. Едната е оваа нашата, која ја разбра пораката дека: или ќе живееме според Светото Писмо, Светото Предание, учењето на светите Отци, Вселенските и Помесните Собори, а не да го крадеме Божјото, заборавајќи на она што се случи во раната Христова Црква, кога се вели дека на верните сè им беше заедничко: кои започнаа да ги продават своите куќи, имотите и нивите, а парите да ги положуваат пред нозете на апостолите, а тие (апостолите) ги ставаа во црковната каса, од каде што се раздаваше според потребите – на сираците, на сиромасите, на вдовиците, на болните, и на сите оние кои имаа потреба од тоа, поитенцирал Петар.
Владиката Петар, речиси целиот говор го посветил на напади кон останатите верници на МПЦ-ОА во Австралија.
-Сакам да кажам дека првите денови од Нашиот живот во Австралија, првите месеци и години, беа страшни и неподносливи, дури и невообичаени, ненормални за народ кој се именува христијански, на кои верата се проповеда веќе две илјади години. Наместо духовен напредок, имаше духовно назадување. Зошто? Затоа што немаше доволна посветеност ни кај оние што поучуваа, но уште помалку кај оние што требаше да слушаат и да живеат според верата. Еве, некои веќе повозрастни, од вас се тука и се сеќаваат како беше тоа. Нашето прво Послание беше да има ред и мир, поредок и љубов меѓу нас, рече Петар.
Во говорот тој тврди дека претходниот владика, сега покојниот Тимотеј, никој не го почитувал и морал да поднесе оствка. Откако Синдот не успеал да ги реши проблемите, морало тој да дојде и да стави ред во Австралија.
-Во 1994 година, блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј си поднесе неотповиклива оставка, бидејќи повеќе никој не го почитувал, не се давало она што беше потребно за да опстои Епархијата. Една година Синодот управуваше со Епархијата, но не можеше да воспостави ред и поредок. Потоа нè замолија Нас (Митрополит Петар) да ја прифатиме Епархијата, бидејќи ниту еден архиереј не сакаше да ја прифати оваа Епархија. Ние ја прифативме, затоа што таков е Нашиот карактер, а и верата во Бога: дека кога ќе се посветиме на делото, за кое сме повикани, треба да изгориме за делото, треба да се жртвуваме за делото, и постојано да мислиме како вас да ве поучиме во верата и да се спасите вие, браќа и сестри, а преку тоа и ние да се спасиме – спасувајќи ве вас, ако вие ја прифатите верата и ги оставите земните и материјални црковни богатства, како и желбата да се поставувате над другите – тогаш, тука е – близу e спасението, вели во говорот Петар.
-Што се случуваше со судовите: се судевме. Но, зошто? Затоа што црковниот имот треба да биде за Црквата, да биде во траст на Црквата, да се чува за мисијата на Црквата. А тоа значи за верата, за поуката во храмот, за свештеникот да може да ја извршува својата служба. Зашто кажано е во Светото Писмо: Оној што служи на олтарот, од олтарот треба да живее и да се храни, (1 Кор.9,13-14). И затоа свештениците кои служат на олтарот, во Црквата, оттаму и ја добиваат својата плата. А по сето тоа, вие сте сведоци дека и покрај судовите, и покрај кавгите, и покрај недоразбирањата, ние се одлучивме да градиме (цркви, манастири, црковни центри и објекти). Ние (Митрополит Петар), повеќе од осум години ништо не зедовме – ни плата, ни надомест од оваа Епархија – со цел да покажеме пример дека ние треба да даваме, а не да земаме, кога е во прашање Божјото.
И така, вие сте сведоци дека, пред да го изградиме овој соборен храм, на овој простор, започнавме пред влезот на сегашниот храм, во еден магацин како што вие што го нарекувате „шед“ да се организираме и богослужиме. И оттука беше Божјиот благослов – полека да започне да се гради оваа црква: најпрво живата Црква, тоа сте вие, како што вели Светиот Апостол Павле: „Не знаете ли дека вашите тела се храмови на Светиот Дух? (1Кор.6,19) И така, живеејќи и градејќи ги храмовите на Светиот Дух – телата ваши, во кои душите ваши живеат – почна да расте живата Црква. И не само тука, во овој соборен храм, туку и во другите цркви ширум Австралија, вели Петар.
-Прво ја купивме црквата „Света Петка“ во Мил Парк. Потоа, се случи да се судиме со оние (што црковниот имот од црквата „Свети Никола“ во Престон го пререгистрирале во компанија) а сè уште го немаа префрлено (од црквата на компанијата), потоа (се судевме и со оние од регистрираната компанија) во Јаравил кои го пререгистрирале црковниот имот на црквата „Свети Илија“ во компанија, а истото се случило и со имотот на црквата „Свети Димитриј“ во Спрингвејл. Што значи имотите за траст – мисија на Црквата, биле пренаменети во компаниски имоти, НЕ за мисијата на Црквата, туку за сопственост на компаниите. А некои од нив иако се претставуваа дека се црковни луѓе, денес веќе ги нема тука, бидејќи го сменија умот. Зашто тие не беа толку по верата, колку што беа, можеби за положбата и т.н. И на крајот, што се случи? Се случи ова што денес го гледаме – денешната прослава, пиотенцирал архијерејот на МПЦ-ОА.
-Тие четири или пет цркви што претходно беа имот за Македонската Православна Црква: „Свети Илија“ во Јаравил или Футскрај, „Свети Никола“ во Престон, „Свети Димитриј“ во Спрингвејл и црквата „Света Петка“ во Рокдејл, кои, како што рековме, беа пререгистрирани од цркви во компании, ги вративме со многу труд, со многу маки, со судови и така натаму, за на крајот, сега, да прославуваме, браќа и сестри. Очигледно тоа беа тешки денови и големи искушенија, но, како што се вели, крајот го краси делото. Еве, по толку време, ние успеавме пред неколку години, односно во 2016 – 2017 година, полека да се организираме и да ја регистрираме нашава Епархија – не само како религиозна организација што ќе извршува религиозни дејности како што од почетокот била регистрирана во Министерството за правда, туку сега веќе и имотот да и биде за траст (мисија на Црквата), односно имотот да биде на Македонската Православна Црква. А тоа значи, браќа и сестри, дека нашата Австралиско-Новозеландска Епархија, засега во целата дијаспора на МПЦ, е единствено македонско – црковно правно лице (субјект), односно Епархија, која е регистрирана (со патентирано име) Македонска Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд и тоа како правен субјект. Како таква, може насекаде да се претставува како достоинствена Епархија, со свој архиереј, со свештенството и со вас верниците. Во тој дух сакам да нагласам дека времето, како што минува, браќа и сестри, нè обврзува уште повеќе да се вложуваме. Сè уште не сме го достигнале нивото на кое треба да бидеме на духовен план. Затоа, честопати, и простете ми што сум малку построг, укажувам да не се разговара во храмовите, зашто храмот е место за разговор со Бога, а не разговар помеѓу нас, изјавил владиката Петар.

