Поглаварот на Православната црква на Украина повика на осуда на руските напади врз цивили

Date:

Share post:

Поглаварот на автокефалната Православна црква на Украина, митрополитот Епифаниј упати апел до христијаните и до верските и моралните лидери ширум светот јавно да проговорат против руските ракетни напади врз цивилни цели во Украина. Неговиот повик следува по божикната порака на рускиот претседател Владимир Путин, во која тој изјави дека руските војници дејствуваат „како по Божја заповед“.

„Додека Украина го празнуваше Богојавление, а руската држава Божик, Кремљ извршуваше нови злосторства против човештвото преку ракетен терор“, изјави митрополитот Епифаниј. Тој нагласи дека намерното уништување на домови и цивилна инфраструктура има за цел да ја фрли Украина во студ и темнина.

Апелот доаѓа по новиот бран руски воздушни напади, во кои, според украинските власти, загинале најмалку десетина цивили, а големи делови од градовите Харков, Киев, Лавов, Одеса и други останале без електрична енергија. Нападите се засилија токму за време на православниот Божик, кој во Русија се празнува на 7 јануари според јулијанскиот календар, и покрај повиците на бројни верски лидери за привремен прекин на огнот.

Митрополитот Епифаниј изрази длабока благодарност до лекарите, спасувачките служби и сите кои, како што рече, прават „сè што е можно и невозможно“ за да им помогнат на настраданите. Според него, овие напади треба да предизвикаат осуда не само кај христијаните, туку и кај сите луѓе со добра волја. Осуда на нападите упати и папата, кој во обраќање до дипломатскиот кор минатата недела ги нарече нападите врз домови, болници и енергетска инфраструктура сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право. Тој предупреди и дека последните, особено тешки напади, имаат тешки последици врз цивилното население во услови на сè постудено време.

Наспроти овие реакции, претседателот Путин во своето божикно обраќање изјави дека празникот ја „осветлува светот со светлината на добрината и љубовта“ и дека руските војници ја извршуваат својата мисија за одбрана на татковината „како по Божја заповед“. Тој додаде дека рускиот народ отсекогаш ги гледал своите воини како луѓе кои ја извршуваат оваа „света мисија“ во име на заедничката победа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img