Во последниот период сме сведоци на сè почести појави кои сериозно го нарушуваат достоинството на македонскиот народ и државата Македонија. Станува алармантна појавата на одбележувања на историски датуми и настани поврзани со окупацијата на македонската територија и народ, во кои за жал учествуваат и македонски институции, а при тоа се користат обележја и униформи на поранешни окупациски сили. Таквите постапки не се само историски неточни, туку и морално неприфатливи, бидејќи претставуваат понижување на жртвите и страдањата на македонскиот народ во тие периоди.
Одбележувањето на активности поврзани со српската окупација за време на Балканските и Првата светска војна претставува длабока навреда и провокација за етничките Македонци, за нашата колективна меморија и национален идентитет. Сметам дека е неопходно сите учесници и организатори на ваквите настани да се извинат на македонската јавност и да преиспитаат својата одговорност во јавниот простор.
Покрај тоа, неприфатливо е и присуството на српската државна телевизија РТС на територијата на Македонија без соодветна регулаторна контрола, особено кога нејзините продукции содржат ревизионистички и негационистички содржини за македонската нација, историја и идентитет. Таквите активности не се во духот на добрососедските односи, туку ја поткопуваат довербата и ја поттикнуваат етничката нетрпеливост.
Затоа, неопходно е институциите на Република Македонија да воведат јасен механизам за контрола на активности од ваков карактер и да спречат влез на организирани групи или поединци кои го нарушуваат достоинството на македонскиот народ и државата.
Македонија е земја на гостопримство и толеранција, но тоа гостопримство не може и не смее да се злоупотребува од оние кои не го почитуваат нашиот идентитет, нашата историја и нашето национално достоинство. Почитта е предуслов за пријателство.
Пишува: Петар Богојески, претседател на Македонски Концепт (Фејсбук статус)

