„Христос ни е потребен – не како религиозен симбол, туку како кислород за нашето општество”

Date:

Share post:

Рождеството Христово ни нуди поинаков одговор. Тоа нè потсетува дека Бог не е апстрактна идеја на врвот на некоја хиерархија, туку личност која влегува во нашата болка. Затоа, Христос ни е потребен на сите, не како религиозен симбол, туку како кислород за нашето општество, вели сестра Ефимија, монахиња од манастирот во Рајчица, која во интервју по повод празникот Божиќ, зборува за значењето на празникот, но и за историјата за неговото чествување.

Сестра Ефимија е дел од големото монашко семејство на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА). Манастирот во Рајчица е препознатлив по рачна изработка на црковни обележја, а повеќе од една деценија и на божиќни пештери, кои станаа симбол на чествувањето за Бадник.

„Изработувањето на божикните пештери во нашиот манастир во Рајчица не е занаетчиски потфат, туку специфична форма на проповед. Нашата желба беше едноставна, а сепак, длабока: секој дом да стане ’мала црква‘. Пештерата не е декоративен предмет, туку икона која нè потсетува на оној онтолошки пресврт за кој зборувавме погоре – дека Бог се смести во пештера за да најде место во нашето срце; во нашиот дом. Мотивот никогаш не бил материјален; напротив, пештерата е симбол на дарувањето“, вели сестра Ефимија.

Прашање: Ако се погледне низ историјата, од кога се празнува овој ден? Кои се историските корени на празникот, и зошто е избран датумот 25 декември?

Сестра Ефимија: Историјата на овој празник е фасцинантна лекција за тоа како теологијата ја облагородува културата. Како што забележува митрополитот Јеротеј Влахос, Рождеството е „коренот“ од кој израснуваат сите Господови празници. Без овој почеток, не би постоело ниту Воскресението. Интересно е што во првите три века, Раѓањето Христово не било славено на посебен датум. Древните Христијани, со својот длабок фокус на вечноста, повеќе го ценеле духовното раѓање (Крштението) и „раѓањето за небото“ (мачеништвото), отколку телесното доаѓање на свет.

Преломот се случува во IV век. Дотогаш, Божиќ бил дел од соборниот празник Епифанија (Богојавление). Неговото одвојување на 25 декември започнува во Рим околу 354 година. Во тоа време, Рим го славел паганскиот култ на „Непобедливото сонце“ (Sol Invictus). Но, знаете ли што направиле мудрите Христијани? Наместо да влезат во директен конфликт со овој култ, направиле нешто многу посуптилно и помоќно: го преобразиле неговиот символизам, порачувајќи: „Вие го славите физичкото сонце, а ние Го славиме Сонцето на Правдата – Христос, Кој му дава вечна смисла на постоењето“.

Источниот дел на Империјата подоцна ја прифатил оваа практика. Преданието поврзано со ерусалимскиот епископ Јувеналиј ни открива и еден интересен и прагматичен аспект. Имено, тој побарал помош од Римските архиви за да го утврди датумот, зашто увидел дека било физички невозможно во ист ден да се направат литии и до Витлеем (местото на раѓањето) и до Јордан (местото на крштението).

Така, во симбиозата на теолошката длабочина, историските околности и пастирската мудрост, Божиќ се оформил како камен-темелник на нашиот календар. Што всушност празнуваме? Го празнуваме моментот кога Невидливиот стана Видлив, кога „Вистинското Сонце“ влезе во нашата темнина за да нè просветли. Тоа е празник на светлината која не ја победува темнината со сила, туку со самото свое присуство.

Прашање: Со години наназад најпрепознатлива за чествувањето на Бадник стана симболот – божиќна пештера. Тие се изработуваат од сестринството од манастирот Свети Георгиј Победоносец Рајчица кај Дебар. Каква симболика има во божиќната пештера?

Сестра Ефимија: Изработувањето на божикните пештери во нашиот манастир во Рајчица не е занаетчиски потфат, туку специфична форма на проповед. Нашата желба беше едноставна, а сепак, длабока: секој дом да стане мала црква. Пештерата не е декоративен предмет, туку икона која нè потсетува на оној онтолошки пресврт за кој зборувавме погоре – дека Бог се смести во пештера за да најде место во нашето срце; во нашиот дом. Мотивот никогаш не бил материјален; напротив, пештерата е симбол на дарувањето. Ние подаруваме сведоштво, потсетник дека по Рождеството, нашиот внатрешен пејзаж веќе не смее да биде пуст.

Дополнително, оваа дејност е само една мала нишка од големиот мозаик на духовната обнова која започна пред три децении со возобновувањето на монаштвото кај нас. Затоа пештерите што ги изработуваме се само симболичен продолжеток на таа благородна мисија: да Го внесеме Христа таму каде што Он најмногу сака да престојува – во срцето; во секојдневието на човекот.

Тука лежи клучот за разбирање на денешната духовна реалност во Македонија. Имено, нашето братство од Бигорски и сестринствата од Рајчица и Пречиста се воспитани и растат во духот на Светогорското предание. Нашиот Старец, владиката Партениј, заедно со митрополитот Наум и епископот Климент – како возобновители на современото монаштво кај нас – често се присетува на моментот кога заминувале од Света Гора. Тогаш, нивниот Старец, блаженоупокоениот Георгиј Капсанис, им упатил многу важни и охрабрувачки зборови, предавајќи им го во послушание патот на апостолското служење и мисијата за духовна преродба на сопствениот народ.

Тоа свештеноапостолско дело не беше само теоретско. Тоа значеше макотрпен труд за воцрковување на еден народ, кој по децении духовен мрак требаше повторно да ја види светлината на Литургијата. Денес, кога гледаме полни храмови, луѓе кои свесно пристапуваат кон исповедта и причеста, гледаме плодови од тоа семе. Тоа е жив доказ дека мисијата не беше само административна, туку суштинска. Таа мисија ги постави цврстите основи на кои денес луѓето бараат и наоѓаат разрешница за своите егзистенцијални кризи.

Целото интервју ОВДЕ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img