Почетна Коментар 2022 лето Господово
2022 лето Господово

2022 лето Господово

419
0

Да живееш значи да постоиш, а да постоиш значи да: твориш, да учиш, да учителствуваш, да сведочиш, да учествуваш, да заедничариш и над сè, да љубиш, секојдневно поместувајќи ги сопствените граници во полза на сопствените таленти, оние со кои Бог те благословил во Неговата слава.

Токму со едно такво „eпско сведоштво“ од палетата на нашето постоење, кое засекогаш ќе биде свежо врежано во времето, беше благословена нашата земска генерација.

На 12.06.2022 година, на празникот Педесетница ќе се отворат дверите на утробата на Мајката Црква, Констатинополската. Единствената.

Со дописот кој стигна на неколу дена по споменот на Победоносецот Свети Георгиј, дедо Вартоломеј пресече уште една глава на ламјата облечена во раскол, со што се запиша уште една победа на Православието!

Сега, откако ги решивме административните пречки со нашите браќа Србите, со што ги исполнивме сите предуслови, искрено се надеваме дека за брзо време ќе ја видиме Охридската Архиепископија препородена во Автокефалија и бликната во сета нејзина слава, крепост и древност, во служба на секој и на сите.

На денот на роденденот на светата Православна Црква, ќе застанеме пред Вас заедно со нашите Ахрипастири, сите скрушени и кротки како православни христијани, а стамени и исправени како чеда на Охридската Архиепископија, во левата рака држејќи ги знамињата на нашата земја, на нашата црква, на Византија и на Фанар, во левата рака пак издигнувајќи го чесниот крст, а во градите, пак, гордо носејќи го Неговиот лик, на тој што нè доведе во Вашите татковски прегратки – на Господ Исус Христос.

Камените ѕидови на нашите цркви и манастири сè уште присно одекнуваат со здивот и словото на Светите Кирил и Методија, Климент и Наум Охридски, Јован Дебранин и уште безброј благочестиви предци, кои Православието го вдахнаа длабоко во нашиот генетски код.

Цврство Ве уверуваме дека сме достоинствени наследници на Охридската Архипископија, која за нас никогаш не престанала да постои. И Ве уверуваме дека сè додека гори и најмалото кандило во црквите: Света Софија во Охрид, во Соборниот храм на Свети Климент, во Бигорски, во Зрзе, во Водоча, во Рајчица, во Слепче, на Матка, на Плаошник, во Пречиста…, Охридската Архиепископија ќе пламти во нашите срца, укрепувајќи се од нашите удвоени и умилителни молитви, кои преку евхаристичкото единство на нашата Црква ќе бидат упатени првенствено до Мајката Црква, а оттаму и до сиот православен свет.

За сите нас, кои го сочинуваме триста милионското православно семејство од нашиот свет, голема чест е да се сведочи и Вашето време, Сесвет Патријарху Вартоломеј.

Со рацете распнати широко на крстот, татковски го прегрнувате целиот свет, тивко страдајќи од клинците, крвавејќи од камшиците и трнливите круни на заблудените.

Но и покрај сè, Вашите дела гласно сведочат за Воскресението, за центарот на нашата света православна вера, за целта на секој Православен Христијанин. Вашиот пример е големо и светло каднило на Црквата и на нас Православните воопшто.

На многаја и благаја лета, Ваша Сесветост!

Пишува: Илија Ико Каров, Писател и режисер

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *