ЃОРЃЕВСКИ: Сe ќе беше поинаку доколку БПЦ се одважеше и прифатеше воспоставување евхаристиско единство

Date:

Share post:

МИА: Што ќе значи одлуката на Светиот синод на Бугарската православна црква за идниот статус на Македонската православна црква-Охридска архиепископија?

ЃОРЃЕВСКИ: Очигледно е дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија очекуваше поинаков одговор на своето писмо, согласно двете главни барања кои недостасуваа во вчерашната одлука на САС на БПЦ: Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и да се воспостави евхаристиско единство меѓу двете цркви. Вака срочената одлука, пак, остава простор за различни интерпретации, па затоа било какви предвидувања во моментов се повеќе од провизорни.

МИА: Се добива впечаток дека ваквото експресно доближување на ставовите меѓу МПЦ и БПЦ, визави политичкото доближување меѓу двете држави, не е поеднакво добро примено во целата македонска јавност. Се согласувате ли со оваа констатација?

ЃОРЃЕВСКИ: Проблемот со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА има силна политичка заднина и затоа е потребно да се создаде соодветна политичка клима за негово позитивно и правилно разрешување. Секако дека во случајов меѓудржавното доближување придонесе и влијаеше врз преземените меѓуцрковни чекори, кои, за жал, беа видени низ политичко-партиска призма, па затоа и беа различно сфатени и прифатени. Од друга страна, пак, јавноста беше силно разбранувана од темата за БПЦ како „мајка-црква“. Да појасниме: не гледајќи кон минатото, туку кон иднината, од страна на САС на МПЦ-ОА беше предложено МПЦ да ја препознае БПЦ како „мајка црква“, кога и ако ја прифати и прва ја признае нејзината автокефалност. Тоа ќе беше потврда за сторената храброст, одважност и решителност во прифаќањето на реалноста и статусот на Македонската православна црква. Наместо тоа, засега имаме само декларативно прифаќање на „мајчинството“. Но, да го оставиме фигуративниот говор на страна. Називот „мајка-црква“ значи дека, кога една локална црква ќе препознае дека еден дел е способен да постои како самостојна црква, таа треба да даде согласност и со тоа да го овозможи непречено нејзиното делување. Па така, се случувало и некоја црква, која во минатото заради историскиот сплет на околности била укината, да мора повторно да помине низ целиот тој процес, макар истата претходно била и „мајка-црква“ (таков е случајот и со Охридската архиепископија, од која без нејзина согласност се издвоила Српската архиепископија во 13 век). Станува збор за црковно-административна постапка, но во нашиов случај таа предизвика различни реакции затоа што беше подигната и разгледувана на прилично емотивно ниво. Во текот на сите овие изминати години МПЦ-ОА постојано се обраќа кон Српската православна црква како кон„мајка-црква“ (затоа со неа и се водат официјалните разговори околу нашето црковно прашање), па се нема забележано некоја посебна реакција, а камоли ваков интензивен емотивен набој и нетрпение во јавноста.

МИА: Дали со оваа одлука ќе се скрати времето за конечно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА?

ЃОРЃЕВСКИ: Неизвесно е и неблагодарно да се дадат било какви проценки пред да се видат кои се следните чекори кои ќе ги преземе БПЦ. Очигледно е дека е избрана поинаква, подолга и за нас сe уште непозната патека. Сe ќе беше поинаку доколку БПЦ покажеше одважност и го беше прифатила барем предлогот за воспоставување евхаристиско единство меѓу двете цркви. Тоа ќе ги охрабреше и останатите пријателски православни цркви на истиот чекор и дури тогаш ќе можеше да се говори за сериозен напредок во процесот на решавање на македонското црковно прашање.

МИА: Што мислите каков ќе биде ставот останатите помесни православни цркви во однос на одлуката?

ЃОРЃЕВСКИ: Во овој момент не е можно да се даде било какво мислење. Ќе треба да се почека за да се види. Секој друг збор е одвишен.

МИА: Дали вашата претходна оценка за соломонско решение во спорот се уште е актуелна?

ЃОРЃЕВСКИ: Претходната оценка се однесуваше на предлогот на САС на МПЦ-ОА. Предлогот не беше прифатен и до решение не дојде. Соломонското решение остана само неостварена можност за МПЦ и неискористена шанса за БПЦ; на МПЦ да го започне процесот на прифаќање на нејзиниот автокефален статус, а на БПЦ да стане „мајка-црква“.

/МИА

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Романскиот Патријарх: Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I претставува силно сведоштво за единството на Православието

Во говор по повод осветувањето на надворешната фасада и мозаиците на Катедралата Народно Спасение во Букурешт, Даниел, Патријархот...

Орбан на средба со Папата

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на денешта приватна аудиенција во Ватикан побара од папата Лав Четиринаесетти да ги поддржи...

Скандинавските цркви во поддршка на Украина и правата на децата

Северноевропските црковни водачи упатија силен апел за враќање на украинските деца насилно однесени во Русија и одобрија финансиска...

Д-р Трајановски со план за Аеродром: чиста, безбедна и достоинствена општина

Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ, ја претстави својата програма како план за „современа...