Почетна Интервју ЃОРЃЕВСКИ: Сe ќе беше поинаку доколку БПЦ се одважеше и прифатеше воспоставување евхаристиско единство
ЃОРЃЕВСКИ: Сe ќе беше поинаку доколку БПЦ се одважеше и прифатеше воспоставување евхаристиско единство

ЃОРЃЕВСКИ: Сe ќе беше поинаку доколку БПЦ се одважеше и прифатеше воспоставување евхаристиско единство

947
0

МИА: Што ќе значи одлуката на Светиот синод на Бугарската православна црква за идниот статус на Македонската православна црква-Охридска архиепископија?

ЃОРЃЕВСКИ: Очигледно е дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија очекуваше поинаков одговор на своето писмо, согласно двете главни барања кои недостасуваа во вчерашната одлука на САС на БПЦ: Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и да се воспостави евхаристиско единство меѓу двете цркви. Вака срочената одлука, пак, остава простор за различни интерпретации, па затоа било какви предвидувања во моментов се повеќе од провизорни.

МИА: Се добива впечаток дека ваквото експресно доближување на ставовите меѓу МПЦ и БПЦ, визави политичкото доближување меѓу двете држави, не е поеднакво добро примено во целата македонска јавност. Се согласувате ли со оваа констатација?

ЃОРЃЕВСКИ: Проблемот со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА има силна политичка заднина и затоа е потребно да се создаде соодветна политичка клима за негово позитивно и правилно разрешување. Секако дека во случајов меѓудржавното доближување придонесе и влијаеше врз преземените меѓуцрковни чекори, кои, за жал, беа видени низ политичко-партиска призма, па затоа и беа различно сфатени и прифатени. Од друга страна, пак, јавноста беше силно разбранувана од темата за БПЦ како „мајка-црква“. Да појасниме: не гледајќи кон минатото, туку кон иднината, од страна на САС на МПЦ-ОА беше предложено МПЦ да ја препознае БПЦ како „мајка црква“, кога и ако ја прифати и прва ја признае нејзината автокефалност. Тоа ќе беше потврда за сторената храброст, одважност и решителност во прифаќањето на реалноста и статусот на Македонската православна црква. Наместо тоа, засега имаме само декларативно прифаќање на „мајчинството“. Но, да го оставиме фигуративниот говор на страна. Називот „мајка-црква“ значи дека, кога една локална црква ќе препознае дека еден дел е способен да постои како самостојна црква, таа треба да даде согласност и со тоа да го овозможи непречено нејзиното делување. Па така, се случувало и некоја црква, која во минатото заради историскиот сплет на околности била укината, да мора повторно да помине низ целиот тој процес, макар истата претходно била и „мајка-црква“ (таков е случајот и со Охридската архиепископија, од која без нејзина согласност се издвоила Српската архиепископија во 13 век). Станува збор за црковно-административна постапка, но во нашиов случај таа предизвика различни реакции затоа што беше подигната и разгледувана на прилично емотивно ниво. Во текот на сите овие изминати години МПЦ-ОА постојано се обраќа кон Српската православна црква како кон„мајка-црква“ (затоа со неа и се водат официјалните разговори околу нашето црковно прашање), па се нема забележано некоја посебна реакција, а камоли ваков интензивен емотивен набој и нетрпение во јавноста.

МИА: Дали со оваа одлука ќе се скрати времето за конечно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА?

ЃОРЃЕВСКИ: Неизвесно е и неблагодарно да се дадат било какви проценки пред да се видат кои се следните чекори кои ќе ги преземе БПЦ. Очигледно е дека е избрана поинаква, подолга и за нас сe уште непозната патека. Сe ќе беше поинаку доколку БПЦ покажеше одважност и го беше прифатила барем предлогот за воспоставување евхаристиско единство меѓу двете цркви. Тоа ќе ги охрабреше и останатите пријателски православни цркви на истиот чекор и дури тогаш ќе можеше да се говори за сериозен напредок во процесот на решавање на македонското црковно прашање.

МИА: Што мислите каков ќе биде ставот останатите помесни православни цркви во однос на одлуката?

ЃОРЃЕВСКИ: Во овој момент не е можно да се даде било какво мислење. Ќе треба да се почека за да се види. Секој друг збор е одвишен.

МИА: Дали вашата претходна оценка за соломонско решение во спорот се уште е актуелна?

ЃОРЃЕВСКИ: Претходната оценка се однесуваше на предлогот на САС на МПЦ-ОА. Предлогот не беше прифатен и до решение не дојде. Соломонското решение остана само неостварена можност за МПЦ и неискористена шанса за БПЦ; на МПЦ да го започне процесот на прифаќање на нејзиниот автокефален статус, а на БПЦ да стане „мајка-црква“.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *