За бесценетиот плач на душата

Date:

Share post:

Денешното евангелско четиво (Лука 7, 11–16), ќе го толкуваме согласно Македонско-Светогорската исихастичка школа, потпомогнати од Александриската алегориска школа (називите се географски). Мртовецот – единствениот син на мајката, го претставува човековиот ум заробен од страстите. Мајката – душата. Носилата – страстите и извршените гревови. Носачите – демоните. Воскресението на мртовецот – првото гледање на Божествената светлина.

Мртовецот го носат носачите на носила надвор од градот – умот е мртов, умртвен од своите страсти лежи во грев, а демоните го носат во правец во кој тие сакаат, надвор од безбедноста на Царството; затоа што, преку страстите, имаат власт над него. Мајката плаче. Умот нема никаква контрола над целата таа состојба, додека пак душата плаче над и заради таквиот ум и тагува. Интересна состојба што би ја споредил со состојбата на умот на човек кој се наоѓа во некоја многу тешка зависност. За оваа духовна состојба добро е да се размисли – умот е немоќен да нè извлече од духовното беспатие на кое се наоѓаме, но нашата душа плаче пред Бог заради тоа. По сѐ изгледа дека и тогаш имаме надеж. Штом ја виде душата како плаче, Господ се сожали на неа, се приближи и се допре до носилката – му подари на умот простување на гревовите, како исцеление од одлучувачката зависност на страстите. Тогаш, носачите застанаа – демоните повеќе не можат слободно да делуваат, кога веќе не господарат преку страстите.

Секако, Господ – како човекољубив, каде што проценува дека е така душеполезно, ни помага и без да го бараме, но ако заплачеме по Него – сигурно ќе ни помогне. Христос му рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Умот ја доби првата благодат на очистувањето на неговата енергија, и му се случи она прво просветлување, а со тоа доби и власт над своите страсти и гревот – мртовецот стана и седна на носилата; и почна да зборува – што е почеток на молитвата.

Молитвата е показател дека умот е жив и во можност да раководи. Исус го предаде назад жив единствениот син на мајка му – душата ја добива оживеана назад една од трите сили, словесната (најважната). Ова е почеток на душевното исцеление, затоа што умот е способен да ги стави под контрола и двете други бесловесни сили на душата – волјата и желбата. Како што сум напоменал и другпат, плачот пред Бог – поради оддалеченоста од Него, ни го отвора преминот на секој од степените на духовниот развој – и на степенот од очистување на срцето од страстите и од демоните поврзани со нив, влегуваме преку плач; и на степенот од просветлување на умот, влегуваме со плач. Затоа и кога насочувајќи ја молитвено енергијата на умот кон срцето и налетувајќи таму на неговата затвореност, темнина и многуте демонски помисли, ви реков дека, нѐ спасува само плач пред Бог; само плачот може да ги растера демонските сили и да ни го отвори патот до срцето; патот до умно-срдечната молитва.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Киев: Манастирот „Св. Јона“ оштетен од руски ракети

Манастирската црква на Света Троица во манастирот „Св. Јона“ во Киев претрпе оштетувања поради ноќниот ракетен напад, објави...

Тиктокерка се јавувала по цркви барајќи помош за бебешка храна – каков одговор добила?

Американската тиктокерка Никали Монро веќе неколку недели објавува видеа во кои се јавува на различни цркви со едно...

Немам непријатели, сите ги убив!

Во септември патував за Вашингтон, на покана од фондацијата „Слободна Русија“. Таму се сретнав со американски функционери, аналитичари...

Во Волос се одржал Вториот музички симпозиум на црковни псалтки

Во првите денови од ноември во грчкиот град Волос се одржал Вториот музички симпозиум на тема „Жените и...