Во дебатата во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, во која гостуваа Димовска и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, Трендафилов ја праша Димовска дали знае кој е следниот верски празник што е неработен ден. Притоа, тој ја повика да им се извини на работниците и верниците, оспорувајќи го начинот на кој таа го образложи предлогот за промени во системот на празници.
Трендафилов ја насочи расправата и кон условите во кои работат вработените, прашувајќи дали при анализите на Стопанската комора биле земени предвид и исплатата на додатоците за работа во недела и на празник, како и бројот на денови годишен одмор што им се овозможува на работниците.
„Кога правевте анализа, дали правевте анализа колку не плаќаат работа на празник, работа во недела, колку годишен одмор им се дава, дека е под законскиот минимум, иако е спротивно на закон“, праша Трендафилов.
Димовска остана на ставот дека постојниот систем на државни празници треба да се преиспита, повикувајќи се на анализа на 35 европски држави, дел членки на Европската Унија, а дел надвор од неа.
Таа посочи дека во Македонија има 11 неработни денови што важат за сите граѓани, покрај дополнителните празници за припадниците на различни верски и етнички заедници. Според нејзиното образложение, ваквата поставеност создава разлики во бројот на неработни денови што ги користат граѓаните.
„Убедени сме дека ваквата поставеност во систем во овој момент не е во согласност со Устав од причина што за одредени граѓани постојат многу повеќе неработни денови по овој основ за сметка на други“, изјави Димовска во „Топ тема“.
Таа наведе дека, според анализата на Комората, припадниците на влашката и српската заедница имаат 17 неработни денови, додека припадниците на македонската заедница имаат 16.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, кој исто така учествуваше во дебатата, оцени дека постојниот систем содржи нелогичности и дека бројот на празници создава тешкотии во организацијата на производствените процеси. Тој посочи дека во одредени дејности отсуството на дел од работниците може да го оневозможи работењето на останатите, поради што е потребна поширока расправа за начинот на уредување на празниците.
Расправата за бројот на празници е предвидена во планот за работа на Економско-социјалниот совет за 2026 година. Додека работодавачите укажуваат на организациските и финансиските последици од неработните денови, ССМ ја отвора и темата за почитувањето на работничките права, исплатата на надоместоците и користењето на годишниот одмор.
Со барањето за извинување, Трендафилов ја прошири дебатата надвор од прашањето за бројот на празници, поставувајќи го и прашањето дали при анализите за продуктивноста и економските трошоци доволно се земаат предвид правата на работниците и значењето што верските празници го имаат за граѓаните.

