Дали современото образование создава личности или само квалификувани поединци? Ова е едно од клучните прашања во разговорот со монахињата Ефимија Зајковска, за порталот 48 часа, чија монографија „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“ отвора широка расправа за воспитната улога на училиштето, местото на религијата во образованието и одговорноста на општеството во обликувањето на младите генерации.
Во време кога знаењето е достапно со неколку клика, а вештачката интелигенција сè поуспешно одговара на прашањата за фактите и информациите, останува дилемата дали образованието успева да ги развива и солидарноста, одговорноста, мудроста и почитувањето на другиот.
Во интервјуто, Зајковска ги отвора прашањата за односот меѓу секуларноста и религијата во јавниот образовен систем, за значењето на религиската писменост во надминувањето на предрасудите, но и за важната разлика меѓу учењето за религијата и воспитувањето во религијата.
Разговорот нуди духовна и академска перспектива за предизвиците на современото образование, но и за прашањето што го надминува образовниот систем: не само колку знаеме, туку и какви луѓе стануваме благодарение на тоа знаење.
Современото образование никогаш не било побогато со информации, технологии и можности за стекнување знаење, но постои впечаток дека истовремено станува сè посиромашно во воспитувањето. Дали денес создаваме подобро информирани и поквалификувани млади луѓе, но не нужно и позрели личности?
Апсолутно да, и тука се крие можеби најголемиот парадокс на нашето време. Иако е праведно и фер да признаеме дека сите ние имаме огромна полза од овој технолошки развој и олеснат пристап до знаењето. Но, од друга страна, речиси неосетно ни се случи голема промена: современиот образовен систем од простор за воспитание и созревање, постепено се претвори во функционално-утилитарен сервис.
Тоа најдобро се согледува низ патот до стекнување знаење: некогаш реализацијата на научните цели беше бавна и макотрпна. Денес, пак, модерната технологија и академското вмрежување им овозможуваат на младите брз и лесен пристап до целиот научен капитал што човештвото го создавало со векови. За само неколку секунди тие акумулираат огромна количина податоци и за исклучително кратко време стекнуваат одредена стручност. Сепак, постои суштинска разлика меѓу информираноста, стручноста и мудроста: информираноста е фактичка, а стручноста е техничка состојба. Мудроста, пак, е нешто многу подлабоко, таа е духовна, етичка и егзистенцијална состојба.
Проблемот на денешното училиште е што ги издигна првите две состојби на пиедестал, додека третата речиси целосно ја занемари. А кога образованието ќе се сведе исклучиво на подготовка на кадри за пазарот на труд, тогаш тоа произведува единствено човечки (економски) ресурси, а не целосни, неповторливи личности кои ќе бидат способни да почитуваат, да сочувствуваат и да љубат.
Токму во тоа го гледам и нашиот најголем предизвик: да го пренасочиме фокусот и да не се бориме просто за подобро информирани деца, туку за обликување вистински созреани млади луѓе. Етичкиот капацитет и зрелоста не се стекнуваат пред екраните, ниту пак, преку усвојување сувопарни сурогат-информации. Тие се калат исклучиво преку живото искуство во заедницата. Впрочем, како што често потсетува мојот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, повикувајќи се на Аристотеловата мисла: човекот е битие за заедница – ζῷον πολιτικόν и социјално битие – ζῷον κοινωνικόν, и тој созрева дури тогаш кога во другиот ќе го препознае својот ближен, учејќи се на слушање, сострадување, одговорност и жртва за општото добро.
Во книгата предупредувате на опасноста образованието да се сведе на пазарна условеност и создавање на поединци без подлабок етички темел. Но зошто тој темел би требало да има врска со религијата? Зарем едно целосно секуларно образование не може подеднакво успешно да создава морални, одговорни и солидарни луѓе?
Теоретски гледано, строго секуларното образование може да создаде функционални и општествено коректни поединци преку граѓанско воспитување и усвојување на формални етички кодекси. Меѓутоа, прашањето е: што се случува кога моралот единствено ќе стане средство за одржување на општествениот ред, а не длабоко внатрешно убедување на личноста? Тоа е концепт кој едноставно не е одржлив на долг рок. Токму во тоа се состоеше грешката на секуларното училиште во минатото: во заблудата дека етиката може да се одвои од нејзините историски, духовни и традиционални извори и да функционира како чиста ментална конструкција.
За среќа, денес во светот сме сведоци на процес на де-секуларизација, во кој религијата одново се препознава како незаменлива трансформативна сила што инспирира, мобилизира, нуди етички ориентир и ја открива подлабоката смисла на човечкото постоење. Токму затоа, денес немаме потреба да се оптоваруваме со преживеаните социјални експерименти од минатото, ниту да водиме застарени идеолошки војни. Напротив, водејќи се од современите сфаќања за секуларизмот, треба да разбереме дека тој не е нужно зло со кое верските заедници мора неволно да живеат, ниту пак, е џокер во рацете на државата кога треба да се одбие некое легитимно барање на Црквата. Секуларизмот е жив, динамичен процес на постојана преобразба и кристализација на односите помеѓу политиката, етиката и религијата.
Во оваа смисла, јас воопшто немам намера да го нападнам секуларното образование. Не, јас во целост ги поддржувам неговите автентични еманципаторски и хуманистички цели. Но, науката и историското искуство недвосмислено ни покажаа дека секоја еманципација, доколку е сведена на строго идеолошки или антитеистички концепт и е целосно лишена од знаењето за религиските вредности, не може да ја постигне својата плурална полнота. Крахот на таквиот социјален инженеринг веќе го видовме со пропаѓањето на тоталитарниот еднопартиски систем, изграден врз идеализацијата на чистата рационализација. И искрено сакам да верувам дека сите ние научивме нешто од тоа негативно искуство.
Споменавте дека денешните деца растат со интернет, социјални мрежи, алгоритми и вештачка интелигенција, во средина во која практично целото човечко знаење им е достапно за неколку секунди. Ако знаењето веќе не е главниот дефицит, дали задачата на училиштето во XXI век треба повторно да се помести од „што знаеш“ кон „каков човек стануваш“?
Апсолутно да! Но, за целосно да ја разбереме оваа трансформација, помеѓу прашањата „Што знаеш?“ и „Каков човек стануваш?“, неопходно е да го вметнеме и клучниот етички мост: „Зошто знаеш?“
Прашањето „Што знаеш?“ беше во примарниот фокус на традиционалното образование. Во ерата на оскудни информации, училиштето беше главниот извор и чувар на факти. Денес, кога вештачката интелигенција и алгоритмите имаат моментен одговор на секое фактичко прашање, инсистирањето исклучиво на „што знаеш“ го прави образованието механичко, застарено и практично излишно, бидејќи машината веќе го прави тоа подобро од нас.
Затоа велам дека е неопходно прашањето: „Зошто знаеш?“ Тоа е прашање за смислата, мотивацијата и етиката на знаењето. Без него, знаењето станува обичен технички инструмент, сува пазарна стока во рацете на поединецот. „Зошто знаеш?“ нè предизвикува да се запрашаме: Дали знаењето го користиме за да доминираме над другите, да го монополизираме јавниот простор, за лична корист и за понижување на оној што знае помалку или размислува поинаку? Или, пак, знаеме за да му служиме на општеството, да ги зацелиме социјалните рани и да го градиме заедничкото добро?
Тука доаѓаме до прашањето што ја отвора телеолошката перспектива на античкиот поим PAIDEIA: „Каков човек стануваш?“ Образованието не смее да биде фабрика за производство на стручна работна сила, туку простор за созревање на личноста. Прашањето е дали преку знаењето стануваме поемпатични, посолидарни, посмирени и поспособни за љубов и соживот или, пак, наспроти тоа, израснуваме во студени, осамени поединци затворени во сопствениот егоизам?
Целото интервју на 48chasa.mk

