Митрополитот на Керкира (Крф) Нектариј ги отфрла критиките по неговото патување во Русија и сослужувањето со московскиот патријарх Кирил, откако во Грција и Украина беше отворена остра дебата за неговата одлука да ја однесе десната рака на Свети Спиридон на едномесечна поклоничка обиколка низ Русија.
Моштите, кои се една од најголемите светињи на Керкирската митрополија, во Русија треба да посетат 13 градови. Обиколката започна во Москва, со сослужување на митрополитот Нектариј со патријархот Кирил во храмот „Христос Спасител“.
Токму неговото обраќање кон рускиот патријарх предизвика најголем број реакции. Нектариј му упати пофални зборови на Кирил, споредувајќи го со поранешниот атински архиепископ Христодул, и му порача дека „правилно го проповеда словото на вистината“ и дека „привлекува милиони млади луѓе кон православието“.
Дополнителна критика предизвика и фактот што патријарх Кирил во текот на војната во Украина отворено ја поддржува руската политика, а Руската православна црква е во прекин на евхаристиското општење со архиепископот атински Јероним.
Во Украина и дел од црковната јавност во Грција, доделувањето орден на патријархот Кирил на митрополитот Нектариј и неговото сослужување со него беа оценети како чин што може да се сфати како легитимирање на позициите на Московската патријаршија во однос на војната.
На 21 август, во Казан, Нектариј зборуваше за потребата од повторно зближување на православните народи, но притоа не ја спомена директно војната во Украина.
Во изјава за грчкиот весник „Етникос Кирикас“, митрополитот Нектариј сега се обиде подетално да ја објасни својата одлука.
Тој тврди дека неговото патување во Русија било одобрено од Светиот синод на Грчката православна црква. Според него, првично било одобрено моштите да бидат однесени во Астана и Казахстан, но откако програмата била проширена и со Москва и други руски региони, митрополијата поднела ново барање. Тоа било одобрено на 1 јули со потпис на архиепископот атински Јероним, во својство на претседател на Светиот синод.
Нектариј ја брани и одлуката за сослужување со патријархот Кирил. Тој посочува дека Грчката православна црква не го прекинала црковното општење со Руската православна црква.
„Ние не сме компетентни да ги решаваме овие несогласувања, ниту да ги сметаме за доволна причина народот да биде лишен од можноста да му се поклони на Свети Спиридон“, вели митрополитот.
Тој додава дека за време на Литургијата патријархот Кирил употребил неутрална формулација – „секое православно епископство“, за, како што вели, „да не ме стави во непријатна положба“.
На прашањето дали неговата посета на Русија може да придонесе за нормализирање на односите меѓу Руската, Грчката и Вселенската патријаршија, Нектариј одговорил дека нема мандат да води такви разговори, но ја оценил поканата од патријархот Кирил како „знак на отворање“.
„Не мислам дека некој сака да има раскол во Црквата. Ниту јас го сакам тоа, ниту кој било епископ. Сакам односите се нормализираат“, изјавил митрополитот.
Во интервјуто, сепак, Нектариј ниту еднаш директно не ја спомнува руската инвазија врз Украина. Крвопролевањето во Украина тој го опишува како „геополитички различија“ кои го отежнуваат патувањето меѓу Русија и Грција.
„Не сметаме дека овие луѓе требаше да бидат лишени од благословот на светецот поради причини кои не ја засегаат религиозната вера, туку се геополитички“, вели Нектариј, осврнувајќи се на илјадниците верници кои чекале со часови за да се поклонат на моштите на Свети Спиридон.
Како причина за носењето на моштите во Русија, митрополитот ја наведува желбата верниците кои немаат можност да патуваат до Крф да можат да му се поклонат на светецот.
Тој потсетува дека моштите на Свети Спиридон и во минатото биле носени во повеќе земји, меѓу кои САД, Кипар, Украина, Србија, Романија, Полска, Белорусија и Грузија, како и во други митрополии на Грчката православна црква.
Во меѓувреме, според информациите на грчкиот весник „Та Неа“, постојаниот Свет синод на Грчката православна црква на својата седница не му изрекол официјална санкција на митрополитот Нектариј. Наместо тоа, наводно му биле упатени усни препораки поради неговите јавни настапи и, како што се наведува, „акробациите“ што се обидел да ги направи.
Од синодални извори се потврдува дека Нектариј имал писмено одобрение за носење на десната рака на Свети Спиридон во Русија, но дека немал посебно овластување за изјавите со кои го фалел патријархот Кирил.
Во целата дебата останува и прашањето за финансискиот аспект на посетата. За него митрополитот Нектариј не зборува во интервјуто, но официјалниот сајт на Московската патријаршија објави дека пренесувањето на моштите било реализирано со поддршка на четири руски организации, меѓу кои Светскиот руски народен собор и Фондацијата „Инокентиј Сибирјаков“ на Константин Малофеев, познат руски бизнисмен и близок до конзервативните кругови.
Посетата на моштите на Свети Спиридон во Русија продолжува, а митрополитот Нектариј веќе се врати во Грција. Неговите изјави, особено избегнувањето директно да ја спомне војната во Украина, сепак, продолжуваат да ја отвораат дилемата каде завршува црковната мисија, а каде започнува политичката симболика на ваквите посети.

