Митрополитот Серафим од Грчката православна црква објавил опширно соопштение во кое остро реагирал на неодамнешното заедничко присуство и молитвената средба меѓу Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Папата Лав XIV по повод 1700-годишнината од Првиот Вселенски собор во Никеја и празникот на свети Андреј Првоповикани во Константинопол.
Текстот, со наслов „Точно изложување на православната вера“, инспириран од делото на св. Јован Дамаскин, ја изнесува загриженоста на митрополитот во однос на екуменските контакти, за кои смета дека ја нарушуваат православната традиција и канонскиот поредок. Според него, очекуваната панправославна прослава не се случила, што тој го припишува на присуството на папата, нешто што, според неговата проценка, е спротивно на светите канони.
Митрополитот Серафим изразил жалење што во изминатите 60 години, по симнувањето на меѓусебните анатеми, „ослабела канонската забрана за заедничка молитва со еретици, расколници и нехристијани“, како што налагаат древните канони. Оценил дека богословските дијалози меѓу православните и римокатолиците „се во застој“, и повикал на отфрлање на теоријата за „двата бели дроба“, според документите од Торонто и Порто Алегре, кои ги смета за „антиправославни“.
Осврнувајќи се на заедничката декларација на Патријархот Вартоломеј и Папата Лав за продолжување на дијалогот „во вистина и љубов“ кон „посакуваното повторно воспоставување на полно општење“, митрополитот нагласил дека такво нешто би било можно само „со укинување на унијатството, отфрлање на иновациите во верата и традицијата, и напуштање на сите пост-схизматички латински заблуди“.
Посебно предупредил и на иницијативите за заедничко празнување на Велигден меѓу православни и католици, наведувајќи пример од сопствената епархија кога римокатоличка верничка му пристапила за причест со зборовите: „Сега сме браќа“. Според него, тоа е опасен чекор што „води кон заедничка Чаша без предуслови“.
Во заклучокот, митрополитот Серафим навел дека случувањата во Никеја и Константинопол „ги смутиле и огорчиле“ оние што, како што вели, поседуваат „духовно расудување и верно православно живеење“, додека „ги задоволиле оние што ги гледаат работите со хуманистички критериуми“. Единствен вистински пат, според него, е „делувањето според апостолската заповед – да ја зборуваме вистината во љубов, со правилно разбирање и на вистината и на љубовта“.
Митрополитот Серафим е познат во јавноста по своите остри и често спорни ставови — тој, на пример, прогласилекскомуникација за пратениците кои гласале за истополови бракови, а во 2020-та ја оспорил владината забрана за богослужби за време на пандемијата, што довело до отворање кривично досие.

