Митрополитот Халкидски Хризостом предложи правила за присуството на свештенството на интернет, предупредувајќи дека социјалните мрежи не треба да станат средство за лична промоција и создавање култ на личноста.
Во излагањето „Зголеменото присуство на свештенството на интернет“, презентирано на 7 октомври на црковно заседание во Грција, тој оцени дека интернетот е неизбежен дел од современиот живот и дека одговорот на Црквата не треба да биде ниту негово некритичко прифаќање ниту целосно отфрлање, туку одговорно користење.
Митрополитот предложи свештениците да ги проверуваат информациите пред да ги споделат, да избегнуваат навреди и јавни расправии, да ја штитат доверливоста на пастирските разговори и да не се претставуваат како самостојни црковни авторитети независни од епископот и помесната Црква.
Според него, дигиталното присуство на свештенството треба да ги упатува луѓето кон Христа и црковната заедница, а не да гради личен бренд или култ на личноста. Интернет-комуникацијата треба да поттикнува непосредни средби, учество во богослужбите и животот на парохијата.
Хризостом предложи и основна обука за свештенството за функционирањето на дигиталните платформи, механизмите на зависност и поларизација, како и предизвиците што ги носи вештачката интелигенција.
Тој нагласи дека за одговорно присуство на интернет се потребни будност и расудување, а не општа забрана или некритичко прифаќање на социјалните мрежи.

