Бугарскиот новинар и историчар Горан Благоев открива уште еден спорен податок од размената на културни артефакти меѓу Бугарија и Грција. По кутијата со моштите на Света Матрона Константинополска, која потекнува од охридската црква „Света Богородица Перивлепта“, во Грција, според неговите наводи, била вратена и уште една реликвија со потекло од Охрид и Охридската архиепископија.
Станува збор за моштохранилница од манастирот „Свети Наум“, на која се претставени Свети Климент и Свети Наум Охридски. Благоев тврди дека оваа црковна вредност нема потекло ниту од Драма, ниту од Серез, ниту од друг манастир или град на територијата на денешна Грција.
Во својот коментар, Благоев остро ја критикува одлуката за враќање на овие предмети, оценувајќи дека со тоа се загрозува зачувувањето на историската и националната меморија. Тој ги повикува министерот за култура на Бугарија, Емил Милошев, и директорката на Националниот историски музеј да понесат одговорност, а бара и реакција од обвинителството.
Особено чувствителен е фактот што станува збор за предмети поврзани со култот на Свети Климент и Свети Наум Охридски, едни од најзначајните личности во христијанската и црковната историја на Охрид.
-По ваков скандал, министерот за култура и директорката на Националниот историски музеј, која одамна е во пензионерска возраст, треба да си заминат. И никогаш повеќе да не се доближат до такви функции. Треба да се вмеша и обвинителството. Скандалот е тотален. Бугарската политичка глупост создаде уште една плодна почва за антибугаризам на Сверна Македонија. Цар Самоил нема да им прости. Кој, всушност, ја разделува бугарската нација?, напиша Благоев на Фејсбук.

