Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, го посетил Бигорскиот манастир, каде што се сретна со епископот Антаниски Партениј, игумен на свештената бигорска обител.
Во фокусот на средбата биле положбата и проблемите со кои се соочуваат Македонците во Албанија, активностите на друштвото „Илинден“-Тирана, како и можностите за продолжување и унапредување на соработката со Бигорскиот манастир.
Според информациите што ги сподели Ѓурѓај, на средбата била истакната важноста на поддршката што манастирот ја дава за црквите во местата каде што живее македонско население во Албанија.
„Бигорскиот манастир и понатаму останува значаен поддржувач на Македонците во Албанија, а нашата цел е соработката да продолжи и дополнително да се унапредува“, истакна Ѓурѓај.
Тој изрази задоволство од средбата со епископот Партениј и со монашкото братство, посочувајќи дека за него претставува особено задоволство повторно да се сретне со игуменот и отците од манастирот.
Поддршката на Бигорскиот манастир за црковните заедници во Албанија претставува важен дел од соработката со Македонците во соседната земја, каде што зачувувањето на националниот и духовниот идентитет останува значајно прашање.

