Православна архиепископија на Америка соопшти дека Неговото Блаженство, Архиепископ Јован, архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија, ќе престојува во официјална посета на САД.
Посетата се реализира на покана на Архиепископ Елпидофор, а во нејзин фокус ќе биде меѓународна конференција организирана од Huffington Ecumenical Institute при Holy Cross School of Theology, во соработка со Мисионерскиот институт на колеџот. Конференцијата, насловена „Anastasios: Archbishop, Theologian, Missionary“, ќе се одржи од 2 до 4 март 2026 година и е посветена на одбележувањето на една година од упокојувањето на Архиепископ Анастасиј, личност која, според бројни црковни оценки, има клучна улога во обновата на Православната црква во Албанија по децении на жесток атеистички прогон.
Во својата изјава, архиепископот Елпидофор нагласил дека доаѓањето на архиепископот Јован претставува „голема чест“, посочувајќи дека Анастасиј буквално ја воскреснал Православната црква во Албанија, која била сведена на урнатини за време на комунистичкиот режим. Според него, оваа посета ќе биде и можност за зацврстување на врските помеѓу православните заедници во Америка и пошироко.
Настанот веќе предизвикува внимание во православните кругови, бидејќи се гледа како значаен момент за богословска, мисионерска и црковна рефлексија, но и како симбол на континуитетот по една од највлијателните фигури во современото православие.
Овие активности на помесните православни цркви јасно укажуваат дека спротивно на тоа, црковната дипломатија на МПЦ-ОА, во најголема мера, е сведена на средби што се одвиваат во рамките и под покровителство на активностите на Српската православна црква. Таквата состојба сведочи дека црковното прашање сè уште не е целосно затворено, бидејќи одредени структури во МПЦ-ОА подолг период свесно ги минираат напорите за отворање суштински разговори за добивање томос од Вселенската патријаршија.

