Од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветените хостии. Кражбата се случила во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември, информира Скопската бискупија.
Случајот е пријавен во надлежните институции, а во тек е полициска истрага.
Од Скопската бискупија велат дека нивната најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени, бидејќи за Католичката црква Пресветата Причест претставува најсвет дар и средиште на литургискиот и духовниот живот.
Бискупијата упати апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа украдената дарохранителница, особено до оние кои евентуално ги поседуваат осветените хостии, да овозможат нивно враќање.
„Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит“, се наведува во соопштението.
Од Скопската бискупија ги повикаа и граѓаните кои имаат какви било информации за кражбата да ги споделат со надлежните органи.
Воедно, упатија повик до верниците да се молат за пронаоѓање и враќање на Пресветата Причест, но и за покајание, помирување и преобраќање на срцата.

