Една животна поука од завојуваната Украина
Пишува: Архимандрит Вартоломеј, Игумен на свештената обител Есфигмен (Фејсбук статус)
Војната во Украина продолжува со несмалена суровост. Секојдневно гледаме и читаме за непрестајните ракетни напади врз цивилното население. Доаѓа зимата. Уште една зима исполнета со тешкотии, недостиг и неизвесност. Но, пред опасноста што му се заканува на самиот живот, дури и сето тоа изгледа второстепено.
„Веќе пет години сме навикнати на тешкотиите и на зимскиот студ“, ми рекоа неодамна некои мои украински пријатели.
Овие зборови живо ми го навраќаат споменот на нашето патување во Украина, зафатена од војната. Сликите, лицата и чувствата од тие денови во Киев и понатаму живеат во мене. Тие веќе не се само спомени од едно патување. Станаа дел од моето секојдневие. Оттогаш, секоја вест за луѓето што продолжуваат да живеат во неизвесност престанува да биде некаква далечна информација. Таа добива лица и имиња. Се однесува на луѓе што ги запознав, со кои разговарав и заедно се молев.
Можеби токму затоа доживувањата од тоа патување постепено почнаа да добиваат подлабока смисла. Смисла што се раѓа низ искушението, личното искуство и средбата со човекот. Некои вистини човек ги разбира дури кога ќе се соочи со самиот живот. Една од нив и понатаму ме придружува.
Одејќи таму, верував дека пред сѐ ќе ги видам раните на војната… И навистина, ги видов! Видов луѓе што живеат под постојаната закана од бомбардирања. Луѓе што не знаат што ќе им донесе следната ноќ. Луѓе што ги изгубиле своите роднини, пријатели, домови, па дури и чувството на сигурност – нешто што повеќето од нас го сметаат за саморазбирливо.
Но, најсилниот впечаток не произлезе само од она што го видов, туку пред сѐ од она што го разбрав. Кога живееш, макар и само неколку дена, меѓу луѓе што ништо не сметаат за загарантирано, почнуваш со поинакви очи да го гледаш светот околу себе. Почнуваш да го цениш она што до вчера минувало незабележано. Тоа што наутро се будиш, што навечер се враќаш во својот дом, што можеш да им се јавиш на луѓето што ги љубиш, што слушаш детски гласови наместо сирени, што можеш без страв да правиш планови за утрешниот ден.
Можеби токму тука се крие и една од најголемите трагедии на војната. Таа не ги разурнува само градовите, домовите и инфраструктурата. Таа ја разурнува и извесноста на утрешниот ден. Повеќето луѓе во Украина не знаат кога ќе заврши војната, ниту под какви услови ќе настапи мирот. Живеат во долготрајна неизвесност, следејќи ги дипломатските случувања и знаејќи дека одлуките што се донесуваат далеку од нивното секојдневие можат да ја определат иднината на нивната татковина.
Токму тука се појавува една од најтешките дилеми со кои може да се соочи еден народ: дали да прифати болни отстапки за да запре крвопролевањето или да продолжи да се бори за целокупноста на својата татковина, плаќајќи ја секојдневно тешката цена на војната?
Дилема за која нема лесни одговори.
Нашата историја познава жртви, бегалство, изгубени татковини и одлуки што оставиле рани кои и до ден-денес се отворени. Добро знаеме колку висока цена плаќаат народите кога се повикани да донесат одлуки што се однесуваат на нивната иднина и татковина. Лесно им е на моќните да разговараат за територии, граници и рамнотежа на силите. Многу потешко е секојдневно да живееш во неизвесност, да се простуваш со своите најблиски што заминуваат на фронтот и да не знаеш дали мирот за кој преговараат други навистина ќе му донесе сигурност на твојот народ.
Тогаш човек разбира дека зад стратегиите, преговорите и големите планови стојат луѓе и дека она по што тие најмногу копнеат не се победите и поразите, туку мирот, слободата и правото да живеат нормален живот. Тогаш осознаваш нешто што сите ние честопати го забораваме: многу нешта што ги сметаме за свои права, всушност се дарови. Можеби најголемата замка на нашето време е токму тоа што толку многу сме се навикнале на овие дарови, што сме престанале да ги забележуваме.
Мирот, слободата, семејството, здравјето, самиот живот.
Многумина од нас сметаат дека сиромаштијата се состои првенствено во недостигот од материјални добра. Но, денес верувам дека постои и еден друг вид сиромаштија – загубата на благодарноста. Кога човекот престанува да биде благодарен, почнува да бара. Кога престанува да го гледа она што го има, се занимава единствено со она што му недостига. Тогаш се раѓа мрморењето.
Можеби затоа честопати размислувам дека мрморењето неретко е луксуз на оние што утрешниот ден го сметаат за загарантиран.
Не ги пишувам овие размислувања за да ги потценам тешкотиите на кој било човек. Секој го носи својот крст и минува низ своите искушенија. Но, Украина ме потсети на нешто многу важно: благодарноста не се раѓа тогаш кога ќе стекнеме сѐ. Таа се раѓа тогаш кога ќе осознаеме колку многу веќе имаме.
И можеби токму тоа е една од најзначајните поуки што може да ни ги даде еден народ кој живее среде војна, а сепак не престанува да се надева.

