Иринеј Буловиќ – архитектот на црковната политика на СПЦ кон МПЦ-ОА

Date:

Share post:

Смртта на митрополитот бачки Иринеј Буловиќ, еден од највлијателните луѓе во Српската православна црква, означува заминување на човек кој повеќе од три децении имаше значајна улога во креирањето на нејзината црковна политика. За Македонската православна црква – Охридска архиепископија, неговото име е поврзано со речиси сите поважни фази од спорот со СПЦ, од Нишкиот договор во 2002 година, преку жестокото спротивставување на македонската автокефалност, до нејзиното признавање во 2022 година. Но, и по признавањето, Буловиќ продолжи да ги застапува ставовите дека името, историското наследство и црковниот статус на МПЦ-ОА не се прашања кои, според неговото толкување, се целосно затворени.

/Редакција Религија.мк

На 24 ноември 2026 година почина митрополитот бачки Иринеј Буловиќ, кој во последните децении важеше за еден од најмоќните и највлијателните архиереи во СПЦ. За неговите поддржувачи беше еден од најобразованите српски теолози и црковни великодостојници, додека критичарите му забележуваа за конзервативните ставови, политичкото влијание и блискоста со српските политички власти.

Како што забележува Би-Би-Си во биографскиот текст објавен по неговата смрт, Буловиќ со децении важеше за еден од највлијателните луѓе во врвот на СПЦ. Беше професор на Богословскиот факултет во Белград, портпарол на највисоките црковни тела и духовен отец на актуелниот српски патријарх Порфириј.

Во серијалот емисии „Херои на злото време“на телевизијата N1, е цитирана една од неговите изјави дека „се родил како Србин, ветил дека ќе умре како Грк, а потоа ќе воскресне како Русин“, а е наречен и „Вучиќ во мантија“.

„Бранител на ликот и делото на сите владетели на Србија, од 1990-тите до денес. Моќник кој го направил бесплоден секој обид за отворена дебата. Покровител, спасител и бранител на сите свештени лица чии скандали и афери го уриваа угледот на Црквата. Прогонувач на непослушните…“, гласи воведот во емисијата посветена на Буловиќ.

Но, неговото влијание не се ограничуваше само на внатрешниот живот на СПЦ. Буловиќ беше еден од луѓето кои ги формулираа и јавно ги бранеа нејзините позиции во најчувствителните меѓуцрковни спорови, меѓу кои особено место имаше прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА.

За македонската црковна јавност, тој беше еден од најпрепознатливите и најжестоките противници на македонската автокефалност во 1967 година. Но, истовремено, беше и еден од најважните луѓе во процесот во кој СПЦ, по повеќе од половина век спор, во 2022 година ја прифати автокефалноста на МПЦ-ОА.

Од Нишкиот договор до обидот за враќање во јурисдикцијата на СПЦ

Буловиќ беше еден од влијателните архиереи во периодот кога СПЦ се обиде да го реши македонското црковно прашање преку Нишкиот договор од 2002 година.

Договорот предвидуваше воспоставување широка автономија на црковната организација во Македонија во рамките на СПЦ, под името Охридска архиепископија. Тоа беше решение кое требаше да го надмине расколот, но не и да ја потврди автокефалноста што МПЦ ја прогласи во 1967 година.

На 30 јули 2003 година, на прес-конференција во Белград, тој јавно зборуваше за односите меѓу СПЦ и македонските државни власти, за положбата на свештенството и монаштвото на СПЦ во Македонија и за црковниот спор.

Во тогашните настапи МПЦ ја третираше како расколничка црковна организација, додека СПЦ ја претставуваше како страна која има канонска надлежност да го решава прашањето.

Овој период е важен затоа што покажува дека Буловиќ не беше само теоретичар на црковното право. Тој беше активен учесник во јавната и црковната дипломатија на СПЦ, со задача да ги образложува и брани нејзините позиции.

Еден од најјасните докази за неговиот однос кон македонската автокефалност е неговата реакција во октомври 2012 година.

Тогаш епископот шабачки Лаврентиј излезе со предлог СПЦ да ѝ даде автокефалност на МПЦ. Тоа беше значајна иницијатива затоа што доаѓаше од архиереј на самата СПЦ и отвораше можност за поинаков пристап кон деценискиот спор.

Буловиќ реагираше остро. Во јавно обраќање го оцени предлогот како „црковно-канонски неприфатлив“.

Тој го отфрли предлогот со образложение дека СПЦ не може да ја прифати самопрогласената автокефалност од 1967 година и дека не може едноставно да се прогласи за законито нешто што, според нејзиното толкување, било незаконски чин.

Во мај 2017 година, во интервју за српските медиуми, Буловиќ излезе со став кој открива дека неговото противење на македонската автокефалност не било само прашање на канонска процедура.

Тој тврдеше дека терминот „автокефалност“ во современите црковни односи се користи како инструмент на политичка битка, особено од националистички кругови кои сакаат да создаваат нови идентитети. Во таа смисла правеше паралела меѓу Македонија и Украина, поврзувајќи ги црковните барања за независност со политичкото одвојување од државите и црковните центри на кои претходно им припаѓале.

Со тоа, Буловиќ практично ја оспоруваше и пошироката историска и идентитетска основа врз која МПЦ ја гради својата самостојност.

Следната важна фаза е 2017 и 2018 година, кога МПЦ се обиде да го реши своето црковно прашање преку Бугарската православна црква. Овој потег предизвика силна реакција во Белград.

Во јануари 2018 година Буловиќ го оцени барањето како политички мотивирано, обвинувајќи ги државните власти во Македонија и Бугарија дека стојат зад иницијативата. Тој тврдеше дека зад неа се кријат државно-национални цели и старата егзархиска идеја за етничкиот бугарски карактер на Македонија. Со ова, Буловиќ не само што ја критикуваше можноста МПЦ да добие помош од Софија, туку и ја бранеше позицијата дека решението не треба да се бара преку заобиколување на СПЦ.

Во истата година, тој се спротивставуваше и на можноста Вселенската патријаршија самостојно да донесе одлука за македонското прашање.

За него, прашањето за автокефалноста не можеше да биде решено со еднострана одлука на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Ова беше дел од неговата поширока црковно-канонска позиција, која подоцна ќе стане еден од главните аргументи на СПЦ во спорот со Цариград околу Украина.

Во април 2021 година, во интервју за белградска „Политика“, Буловиќ повторно ја изложи позицијата на СПЦ за МПЦ. Под наслов „Дијалогот е единствениот начин за надминување на македонскиот раскол“, тој тврдеше дека единствениот прифатлив пат е дијалогот со СПЦ.

Во интервјуто го бранеше Нишкиот договор и повторуваше дека МПЦ треба да се врати во канонско единство со СПЦ, односно во рамките на статусот што ѝ бил даден во 1959 година.

Тој ја критикуваше и претходната македонска политика на барање решение преку Вселенската патријаршија и БПЦ, оценувајќи дека тие иницијативи повеќе биле мотивирани од политички отколку од канонски причини.

Во мај 2022 година, по одлуката на Вселенската патријаршија да ја прими МПЦ во евхаристиско општење, СПЦ донесе одлука за воспоставување целосно литургиско и канонско единство со МПЦ-ОА.

Потоа, на 5 јуни 2022 година, патријархот Порфириј го предаде Томосот за автокефалност на архиепископот Стефан.

Ова беше историски пресврт во односите меѓу двете цркви. СПЦ, која со децении ја оспоруваше самостојноста на МПЦ, сега ја прифати како автокефална црква. Буловиќ беше еден од луѓето кои го објаснуваа овој процес и ја бранеа позицијата на СПЦ дека решението е постигнато на канонски исправен начин.

Во неговото толкување, СПЦ не ја прифатила едноставно самопрогласената автокефалност од 1967 година, туку прво било воспоставено канонско и евхаристиско единство, по што следувало признавањето на автокефалноста. Оваа разлика беше суштинска за српската страна. Со неа СПЦ сакаше да покаже дека не ја променила својата претходна позиција за настаните од 1967 година, туку дека сама го решила спорот преку сопствената канонска постапка.

Така, човекот кој со години го оспоруваше македонското барање за автокефалност, по одлуката на СПЦ стана еден од главните застапници на новата реалност, но и на српското толкување на нејзините последици.

Најзначајните изјави на Буловиќ по доделувањето на автокефалноста се објавени во јануари 2023 година, во интервју за српскиот магазин „Печат“. Тогаш тој отворено кажа дека СПЦ го остава прашањето за името на МПЦ-ОА отворено и дека ќе прифати секое име што ќе биде резултат на општ договор и сеправославна согласност.

Дотогаш, како што објасни, СПЦ го прифаќа името со кое самата црква се именува – Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

Во истиот разговор, Буловиќ ја нарече МПЦ-ОА „новоформирана црква“ и објасни дека некои помесни цркви ја признале како автокефална, додека други го одложиле тоа прашање до постигнување согласност за нејзиното официјално име.

Особено е интересна неговата оценка дека Бугарската православна црква нашла „соломонско решение“ со признавањето на автокефалниот статус, но под заедничкото име „Црква во Северна Македонија“. Оваа изјава открива дека за Буловиќ, дури и по Томосот на СПЦ, прашањето за црковното име и идентитет не било затворено.

Во истото интервју Буловиќ изнесе уште една теза која заслужува посебно внимание. Говорејќи за односите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, тој рече: „Суштински, егзистенцијално и духовно, ние сме биле, сме и ќе бидеме една Црква.“

Потоа објасни дека со воспоставувањето на евхаристиското и канонското единство формално двете цркви се оддалечиле, бидејќи автономната станала автокефална, но суштински се зближиле повеќе од кога било претходно. Оваа формулација не е само израз на братски односи. Таа има и своја еклисиолошка тежина.

Втората голема тема што Буловиќ ја отвори по признавањето на автокефалноста е прашањето за историското наследство на СПЦ во Македонија. Во јануари 2023 година тој изјави дека СПЦ не ги предала и не ги продала своите немањички светилишта во Македонија, туку ги отстапила на користење на новата автокефална црква. Тој се повика на формулацијата од Томосот, во која се наведува дека СПЦ го отстапува на користење своето историско наследство на МПЦ-ОА.

Буловиќ дополнително тврдеше дека СПЦ немала пристап до своите јужни епархии од 1941 година до воспоставувањето на новите односи. Оваа позиција е значајна затоа што покажува дека, дури и по признавањето на автокефалноста, СПЦ продолжила да го истакнува своето историско право врз дел од црковното наследство во Македонија. Со други зборови, за Буловиќ автокефалноста не значела прекин на историската врска и откажување на СПЦ од сопственото толкување на црковното наследство.

Религија.мк пренесува и една реакција на МПЦ-ОА на една од неговите извави свеовремено.

Што му одговори на Буловиќ редакцијата на сајтот на МПЦ во 2008 година?

Брат без помош, враг се викат (13.01.2008)

Како одговор на прашањето на македонските новинари, зошто томосот за автономија на несреќно создадената и несреќно наречената Охридската Архиепископија сѐ уште не им е доставен на помесните Православни Цркви, Господинот Иринеј Буловиќ, инаку епископ Бачки – препознатлив по својот саркастичен начин на пишување, ги наведува следните три причини:

Првата причина била тоа што „поглаварот на Охридската Архиепископија веќе два пати беше во затвор“…

Втората причина била надежта дека нашата света Црква „ќе проба повторно да води дијалог со Црквата (Српска) за светото прашање на единството и братската заедница во Христос Господ“…

Третaта причина била едноставна и крајно болна: „дали во овој историски момент за Српската Православна Црква сето ова претставува единствено и најнеодложно прашање?“ Односно главна причина биле „мачните преговори околу прашањето за иднината на Косово и Метохија“ како и „тешката и долготрајна болест на Неговата Светост Патријархот“.

Би го пофалиле господинот, чие потекло е од влашкото семејство Були од село Горна Белица – струшко (Македонија), за признанието дека дијалогот помеѓу двете Цркви треба да продолжи онака како што тоа од нас го бара неспорниот авторитет за целата Православна Црква, Неговата Светост Рускиот Патријарх Алексеј Втори. Сите (според нас) веќе чуени лаги во останатиот дел од неговиот текст овој пат не би ги коментирале, и така господинот е непоправлив… Би рекле само: Господ, за сите нас распнат, нека суди! А кој сака да си труе душа со читање на целиот негов текст нека ја посети интернет-страницата на СПЦ, како и интернет-страницата на Бачката епархија. Но, поарно е да се помолиме за сиротиот господин…!

Колку е лошо кога човек, познатиот психолошки феномен, фрустрацијата од кризата на својот личен и национален идентитет и сплетот на односи што од тоа произлегува, се обидува да ја разреши на вистинското место – во Црквата, ама за жал на погрешен начин и уште по за жал, од погрешна позиција. И колку е жално, кога сето тоа е толку очигледно за сите, освен за него.

/од редaкцијата на сајтот на МПЦ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img