Православието треба да биде мост на комуникација, солидарност, мир и надеж меѓу народите, порача цивилниот администратор на Света Гора, Алкивијадис Стефанис, по неговата неодамнешна посета на Киев и Одеса во Украина.
Во објава на социјалните мрежи, Стефанис посочил дека посетата се случила во особено тежок период за Украина, во време на руски напади врз земјата, кои, како што навел, уште појасно ги покажале секојдневните страдања на украинското население.
„Мојата посета на Киев и Одеса во Украина се случи во особено тежок момент за земјата и се совпадна со период на руски напади, кои драматично го истакнаа секојдневното искушение низ кое минува украинскиот народ“, напишал Стефанис.
Тој нагласил дека Православната црква има важна улога во поттикнувањето на мирот, солидарноста и меѓусебното разбирање меѓу народите.
„Православието, со својата вековна историја и универзална мисија, може и мора да служи како мост на комуникација, солидарност, мир и надеж меѓу народите“, порачал цивилниот администратор на Света Гора.
Изјавата доаѓа по средбата на Стефанис со митрополитот Епифаниј Киевски и на цела Украина, одржана на 19 ноември во Киев. На средбата, според претходните информации, биле разгледани можностите за зајакнување на духовните врски меѓу Света Гора и Украина, како и поддршката за украинските војници погодени од војната.
Пораката на Стефанис има посебна тежина и поради неговата функција. Тој е цивилен администратор на Света Гора, автономна монашка област во рамките на Грција, со посебен административен статус и историски тесни врски со Вселенската патријаршија.

