Путин за врските меѓу КГБ и Руската црква: „Не е јасно кој врз кого имал поголемо влијание“

Date:

Share post:

Рускиот претседател Владимир Путин отворено зборува за поврзаноста на советските безбедносни служби со Руската православна црква, признавајќи дека во советскиот период КГБ се обидувал да влијае врз духовниот живот, но и дека црковните луѓе влијаеле врз припадниците на службата. Во интервју за режисерот Емир Кустурица, Путин оцени дека односите меѓу руската држава и Црквата денес се „многу силни“. Ова го пренесува специјализираниот медиум „Libertas Fidei“.

Путин во интервјуто се осврнува на периодот на Советскиот Сојуз, кога формално постоела одвоеност на Црквата од државата, но во практиката религиозниот живот бил под надзор на државните институции, меѓу кои и Советот за верски прашања.

Особено интересен е делот во кој рускиот претседател зборува од лично искуство, потсетувајќи дека својата професионална кариера ја започнал во државните безбедносни служби.

„Знаете, јас ја започнав кариерата во државните безбедносни служби, каде што постоеја посебни одделенија кои се занимаваа со внатрешната опозиција. Во советскиот период, Црквата беше единствената легално призната опозиција на државата. Таа претставуваше поинаква идеологија“, изјавил Путин.

Тој додава дека сите припадници на КГБ кои лично ги познавал, а работеле во одделенијата задолжени за црковните прашања, биле крстени.

„Не е јасно кој врз кого имал поголемо влијание – дали државата и КГБ влијаеле врз Црквата или Црквата влијаела врз државата и припадниците на КГБ“, вели Путин.

Како пример ја посочува и практиката припадниците на безбедносните служби за Велигден да им носеле на колегите од другите одделенија велигденски лебови и вапсани јајца. Сепак, признава дека постоеле обиди за влијание врз духовниот живот на луѓето.

„Односите меѓу државата и Црквата денес се многу силни“

Говорејќи за денешната позиција на Руската православна црква, Путин вели дека односите со државата се стабилни и посебни.

„Според мое мислење, односите меѓу државата и Црквата станаа многу силни“, изјавил рускиот претседател.

Тој прави историска паралела со Руската империја, кога царот не бил формално поглавар на Црквата, но имал значајна улога како нејзин заштитник, додека Светиот синод бил највисоката црковна власт, со државен претставник – обер-прокурор – кој го надгледувал неговото работење.

Путин потсетува дека и во советскиот период, и покрај официјално прогласеното одвојување на Црквата од државата, постоеле институции преку кои властите се обидувале да го контролираат религиозниот живот.

Во интервјуто зборува и за одлуката на Јосиф Сталин во 1943 година да го обнови патријаршискиот институт, во периодот на Втората светска војна. Според Путин, и покрај претходните масовни прогони и ликвидации на свештенството, Руската црква застанала во одбрана на татковината кога започнала војната.

Тој ја поврзува улогата на Црквата со создавањето на рускиот национален идентитет и државност.

„Руската православна црква одигра единствена улога во формирањето и на руската нација и на руската државност. Затоа имаме посебен однос кон Руската православна црква“, вели Путин.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img