Порфириј служеше литургија во Москва, но сè уште нема остварено посета на Вселенската патријаршија

Date:

Share post:

Српскиот патријарх Порфириј служеше света архиерејска литургија во храмот „Свети апостоли Петар и Павле“, при црковното претставништво на Српската православна црква во Москва. Богослужбата се одржа на 22 ноември, во продолжение на посетата на српскиот патријарх на руската престолнина по повод 80-тиот роденден на московскиот патријарх Кирил.

На литургијата со Порфириј сослужуваа митрополитите Никанор Банатски, Јован Шумадиски и Сергиј Сингапурски, како и епископите Николај и Стефан, заедно со свештенослужители на московското црковно претставништво.

Меѓу присутните верници имало и српски студенти кои престојуваат и студираат во Москва.

По завршувањето на богослужбата, патријархот Порфириј доделил црковни одликувања на лица заслужни за уредувањето и одржувањето на храмот, како и за нивниот придонес во црковниот живот на српската заедница во Москва.

Посетата на Порфириј на Москва повторно го актуелизира и прашањето за неговите црковно-дипломатски контакти со Вселенската патријаршија. Како што забележува Orthodox Times, српскиот патријарх сè уште нема остварено официјална посета на Вселенската патријаршија во Фанар, иако таквите посети вообичаено се дел од црковната дипломатија по изборот на нов поглавар на помесна православна црква.

Порфириј беше избран за патријарх на Српската православна црква во февруари 2021 година. Неговата неостварена посета на Фанар е особено значајна во контекст на сложените меѓуправославни односи и несогласувањата околу украинското црковно прашање.

За разлика од односите со Вселенската патријаршија, српскиот патријарх во Москва имаше непосредни средби со Кирил, со кого на 21 ноември разговараше за билатералните црковни односи и сеправославното единство.

Продолжувањето на контактите со Московската патријаршија, паралелно со отсуството на официјална посета на Фанар, е еден од показателите за дипломатските позиции на Српската православна црква во актуелните поделби во православниот свет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img