Меѓународниот суд на правдата утврди дека Мјанмар извршил геноцид врз Рохинџа

Date:

Share post:

Меѓународниот суд на правдата во Хаг утврди дека Мјанмар извршил геноцид врз народот Рохинџа за време на воените операции во северната држава Ракин во 2017 година. Ова е првпат Судот да утврди одговорност на една држава за извршен геноцид.

Пресудата беше донесена на 19 ноември, со мнозинство од девет од вкупно 15 судии. Судот заклучи дека безбедносните сили на Мјанмар убиле илјадници припадници на заедницата Рохинџа, извршиле широко распространето сексуално насилство, напаѓале деца и цивили кои се обидувале да избегаат, како и уништиле стотици села.

Според судските наоди, постапките биле извршени со намера да се уништи значителен дел од населението Рохинџа, кое претежно е муслиманско. Судот утврди и дека Мјанмар не ги исполнил обврските од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид – да спречи геноцид, да ги казни сторителите и да ги зачува доказите.

Случајот го покрена Гамбија во 2019 година, повикувајќи се на Конвенцијата за геноцид. Постапката се однесуваше на воената операција од 2017 година, по која повеќе од 700.000 Рохинџа побегнале во соседен Бангладеш. Според податоците на Обединетите нации, денес околу 1,2 милиони припадници на оваа заедница живеат како бегалци во Бангладеш.

Судот побара од Мјанмар да преземе мерки за спречување на повторување на злосторствата, да ги истражи и казни одговорните, како и да обезбеди соодветна отштета за жртвите. Меѓу мерките се наведуваат и безбедно, доброволно и достоинствено враќање на Рохинџа во нивните домови, како и повторно обединување на разделените семејства.

Владата на Мјанмар ја отфрли пресудата, оценувајќи ја како неправедна, бидејќи не била донесена едногласно. Во соопштение од Министерството за надворешни работи се наведува дека воените операции биле антитерористички акции, а не активности со намера за уништување на етничката заедница. Владата најави дека детално ќе ја проучи одлуката.

Пресудата е конечна и правно обврзувачка, но Судот нема сопствен механизам со кој директно може да ја спроведе. Нејзиното спроведување во голема мера ќе зависи од постапувањето на властите во Мјанмар и од меѓународниот притисок.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како значајно признание за жртвите на геноцидот и потврда дека за ваквите злосторства не смее да има неказнивост.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img