Македонски криминални структури биле ангажирани за логистичка подготовка на напад врз лице во Грција, по директни насоки од ирански државјанин поврзан со разузнавачките служби на Иран.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ), во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, разоткриле мрежа во Македонија која, според безбедносните информации, преземала подготвителни активности за атентат врз лице на територијата на Грција.
Според АНБ и БЈБ, активностите за откривање на мрежата започнале на почетокот на 2026 година, а истрагата утврдила дека станува збор за лица поврзани со криминални структури во Македонија, кои дејствувале по директни инструкции на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване.
Тој е идентификуван како лице поврзано со други посредници на иранските безбедносно-разузнавачки служби, меѓу кои и со нарко-босот Наџи Шарифи Зиндашти.
Македонските членови на мрежата, според институциите, имале задача да преземаат логистички и подготвителни активности за извршување терористички акт, односно атентат врз лице во Грција.
Со оперативно-технички и аналитички активности, како и со размена на информации со странските партнерски служби, биле откриени и начините на функционирање на мрежата. Нејзините членови одржувале конспиративни средби во трети земји, меѓу кои и во Иран, а биле потврдени и нивните врски со лицето посочено како главен организатор на планираната акција.
Од АНБ и БЈБ оценуваат дека случајот е дел од пошироките обиди на иранските разузнавачки служби да ги прикриваат своите активности преку криминални прокси-мрежи во други држави.
Како дополнителен безбедносен контекст, двете институции посочуваат дека во изминатиот период повеќе земји биле соочени со терористички закани и напади поврзани со актери кои дејствуваат како посредници на Иран.
АНБ и БЈБ најавуваат продолжување на активностите за откривање и спречување на евентуални терористички закани поврзани со ирански прокси-структури, како и идентификување на други лица инволвирани во вакви мрежи.

