Руските судски власти го осудија јеромонахот Никандр, со световно име Евгениј Пинчук, на вкупно седум години затвор во колонија со општ режим, објави Libertas Fidei. Последната пресуда, со која му се изречени уште две години затвор, е донесена од Свердловскиот областен суд, а се однесува на обвиненија за повикување на екстремистичка дејност преку интернет.
Според информациите, обвинението се однесува на коментари што Пинчук ги објавувал на Телеграм во декември 2024 година, во кои пишувал за советскиот генерал Андреј Власов, кој за време на Втората светска војна соработувал со нацистичка Германија и бил осуден за предавство во Советскиот Сојуз. Обвинителството ги оценило неговите коментари како обид за оправдување на Власов.
Во предметот биле вклучени и коментари што Пинчук ги објавил во август 2025 година, а кои, според обвинението, содржеле повици за екстремистичка дејност врз основа на национална омраза и нетрпеливост.
Пинчук не ја признал вината. Во текот на судењето потврдил дека ги објавил коментарите, но тврдел дека истрагата го искривила нивното значење и дека неговите зборови имале поинаква смисла од онаа што им ја припишува обвинителството.
Седумгодишната затворска казна е збир од последната пресуда и претходната казна од пет и пол години затвор, изречена во март 2026 година од Централниот окружен воен суд во Екатеринбург. Во тој предмет тој беше осуден за јавно оправдување на тероризмот, поради коментари објавени во 2023 година во кои, според руските власти, ја оправдувал активноста на „Рускиот доброволечки корпус“, формација која се бори на украинска страна и која во Русија е прогласена за терористичка организација.
Никандр Пинчук и претходно беше предмет на судско гонење поради неговите ставови за руската воена агресија врз Украина. Во 2022 година беше казнет со 100.000 рубљи поради објави на социјалните мрежи со кои, според руските власти, ја дискредитирал руската армија.
Пинчук е свештеник на Руската задгранична православна црква под јурисдикција на митрополитот Агатангел (Пашковски), позната како РПЦЗ(А), црковна структура која не е во канонско единство со Московската патријаршија.
Според Телеграм-каналот „Интернет-собор“, кој е поврзан со оваа црковна структура, во Украина се разгледува можноста за размена на јеромонахот Никандр. Каналот објавил и писмо од украинскиот Координативен штаб за третман на воените заробеници, во кое се наведува дека информацијата за неговиот случај е примена и дека ќе биде разгледана.

