Поранешниот митрополит пафоски Тихикос не го потпиша исповеданието на верата што му го понудил архиепископот на Кипар Георгиј на средбата одржана на 13 ноември во Архиепископијата во Никозија. Наместо тоа, тој му предал сопствен меморандум со своите ставови, побарал документот да биде разгледан од Светиот синод и побарал да му бидат доставени записниците од Соборот на Православната црква одржан на Крит во 2016 година.
Средбата траела околу половина час. Тихикос дошол придружуван од својот адвокат и двајца браќа. Според портпаролот на Архиепископијата, Христaкис Ефстатиу, архиепископот повторно му понудил на Тихикос да го потпише исповеданието, но тој наместо потписот го предал меморандумот. Содржината на документот засега не е објавена.
Зошто Синодот бара од Тихикос да потпише исповедание на верата?
Барањето не е само формалност. Тоа е поврзано со причините поради кои Синодот на Кипарската црква во мај 2025 година одлучи да го разреши Тихикос од пафоската митрополитска катедра.
Една од главните точки на спорот се неговите ставови за Вселенската патријаршија и патријархот Вартоломеј. Архиепископот Георгиј претходно изјавуваше дека Тихикос имал ставови што ја доведуваат во прашање православноста на патријархот Вартоломеј. Спорен било и неговото непризнавање на крштевките извршени во други православни цркви.
Од Тихикос се бара да ги прифати одлуките на Вселенските собори, вклучително и одлуките на Светиот и Велик собор на Православната црква одржан на Крит во 2016 година, како и да се откаже од таканаречениот апотихизам – прекинување на црковното општење со надлежниот епископ поради несогласувања во врска со верата и црковното учење.
Со потпишувањето на документот, според позицијата на црковното раководство, би се создале услови за обновување на неговите односи со Светиот синод и евентуално укинување на суспензијата од свештенослужителската функција.
Наместо да го потпише документот, Тихикос предал меморандум во кој ги изложил сопствените позиции. Тој побарал да му бидат доставени и записниците од Соборот на Крит од 2016 година, кои, според грчките медиуми, содржат повеќе од илјада страници.
Неговиот адвокат, Ириниос Антониос Јакамакис, по средбата изјавил дека разговорот поминал во добра атмосфера и дека документите и барањата треба внимателно да се проучат. Тој нагласил дека Тихикос не настапува со намера да се спротивстави, туку дека е потребно да се разгледаат отворените прашања.
Од Архиепископијата, пак, порачуваат дека потпишувањето на исповеданието останува услов за спроведување на одлуките на Кипарската црква.
Меморандумот треба да биде доставен до Светиот синод, кој ќе одлучува за следните чекори. Редовното заседание на Синодот е планирано за февруари 2027 година, но не е исклучена можноста за свикување вонредна седница.
Со тоа, спорот меѓу Тихикос и црковното раководство на Кипар останува отворен. Неговото одбивање да го потпише исповеданието не значи дека тој дефинитивно ги отфрлил условите, но засега нема согласност за нивно прифаќање.

