Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави одлуката на Грција да ѝ ги предаде на Бугарија тлените останки на цар Самоил, оценувајќи дека тие му припаѓаат на бугарскиот народ.
„Грција правилно ги предаде тлените останки на цар Самоил, затоа што тие ви припаѓаат вам. Тој бил ваш владетел“, изјавил Вартоломеј во интервју за бугарската национална телевизија БНТ.
Тој го поздравил договорот меѓу двете држави и им оддал признание на премиерите за иницијативата, која ја оценил како дело во интерес на правдата, мирот и разбирањето меѓу народите.
Останките на цар Самоил беа пречекани во Бугарија со воени почести на 3 октомври, а потоа беа положени во старинскиот храм „Света Софија“ во Софија.
Вселенскиот патријарх изразил надеж дека договорот меѓу Атина и Софија нема да остане изолиран случај, туку ќе биде почеток на поширок процес за исправување на неправдите од минатото.
„Нашата желба, нашата молитва и нашата молба е ова дело на воспоставување правда да продолжи, за да бидат исправени непријатните настани од минатото“, изјавил Вартоломеј за бугарската национална телевизија.
Изјавата на поглаварот на Вселенската патријаршија го става акцентот не само на договорот меѓу Грција и Бугарија, туку и на историското толкување на личноста на цар Самоил и на припадноста на неговото наследство.

