Патријархот Порфириј во австралискиот парламент: Српската дијаспора е дел од историјата на земјата

Date:

Share post:

Поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, на 13 октомври беше примен во федералниот парламент на Австралија во Канбера, во рамките на неговата пастирска посета на Австралиско-новозеландската митрополија. Посетата доби и дипломатска димензија, со пораки за придонесот на српската дијаспора и за односите меѓу Австралија и Србија, кои одбележуваат 60 години дипломатски врски.

Претседателот на Претставничкиот дом на австралискиот парламент, Милтон Дик, му посакал добредојде на патријархот и ја истакнал долгогодишната поврзаност со српската заедница во Волонгонг. Тој нагласил дека Србите со генерации се дел од австралиското општество и придонеле за неговиот општествен, културен, економски и граѓански живот.

На приемот присуствувале и пратеничката Тања Лоренс, претседателка на парламентарната група за српско-австралиско пријателство, сенаторот Алекс Антиќ, кој има српско потекло, како и српскиот амбасадор во Австралија, Раде Стефановиќ, и австралискиот амбасадор во Србија, Питер Трасвел.

Антиќ истакнал дека во Австралија живеат речиси 95.000 српски православни христијани и повеќе од 535.000 православни христијани вкупно. Тој посочил дека сведоштвото на Српската православна црква низ историјата претставува извор на надеж и охрабрување за многу православни верници во Австралија.

Амбасадорот Стефановиќ, пак, оценил дека пораките на патријархот за мир, дијалог и меѓусебно разбирање имаат значење во мултикултурното австралиско општество. Тој потсетил дека Порфириј е третиот поглавар на СПЦ што ја посетува Австралија, по патријархот Павле во 2004 и патријархот Иринеј во 2016 година.

Порфириј: Австралија им овозможи на Србите да најдат свој дом

Патријархот Порфириј ѝ се заблагодарил на Австралија за гостопримството и за можноста Србите да го зачуваат својот идентитет, а истовремено да станат дел од општеството во кое живеат.

„Пригрливте ги сите луѓе што дојдоа овде и ги направивте браќа“, порачал патријархот, посакувајќи им мир и здравје на земјата и нејзините жители. Тој упатил и покана до австралиските домаќини да ја посетат Србија.

По приемот во парламентот, патријархот ја посетил и Амбасадата на Република Србија во Канбера, каде што биле презентирани плановите за изградба на нова зграда на дипломатското претставништво, чија изградба, според најавите, треба да заврши во текот на следната година.

Во рамките на посетата на австралиската престолнина, патријархот Порфириј го посетил и храмот „Свети Сава“. Во таа пригода ја истакнал симболичната улога на црквите што српските иселеници ги градат низ светот, нагласувајќи дека секој таков храм претставува дел од Србија.

Патријархот и делегацијата од Мелбурн пристигнале во Канбера во вторникот, кога на аеродромот ги пречекале верници на Српската православна црква и српскиот амбасадор Раде Стефановиќ. Добредојдето било проследено со транспарент со натписот „Добре дојдовте, Ваше Светештенство“ и со песната „Тамо далеко“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img