Московскиот и на цела Русија патријарх Кирил го одликуваше чеченскиот лидер Рамзан Кадиров со црковниот орден „Слава и чест“ од прв степен, по повод неговиот 50-ти роденден. Одлуката е објавена на 5 октомври на официјалната веб-страница на Руската православна црква.
Во честитката до Кадиров, патријархот Кирил ги истакнал неговите заслуги во државната служба, оценувајќи дека тој се покажал како одлучен и одговорен лидер, посветен на регионот и неговите жители.
„Во знак на признание за вашите заслуги и по повод значајниот личен датум, сметам дека е оправдано да ве одликувам со орденот ‘Слава и чест’ од прв степен“, се наведува во честитката на рускиот патријарх.
Кирил во пораката ја пофалил и Чеченската Република за постигнувањата во социјално-економската сфера, безбедноста и меѓурелигиските односи. Тој ги истакнал добрите односи меѓу чеченското раководство и Грозненската епархија на Руската православна црква, изразувајќи надеж за нивно натамошно развивање.
Орденот „Слава и чест“ е црковно одликување на Руската православна црква, основано во 2004 година. Се доделува на државни и јавни личности, како и на претставници на црквите и верските заедници, за придонес во меѓуцрковната и меѓурелигиската соработка, зајакнувањето на мирот и пријателството меѓу народите.

